По новиот раст на цените на светските пазари, горивата повторно се најдоа во фокусот на јавноста. Владата ја следи состојбата и разгледува можни дополнителни мерки, порача Премиерот Христијан Мицкоски. Додека од опозициската СДСМ, велат дека секоја мерка била удар врз џебот на народот.
Според Мицкоски , иако веќе е интервенирано преку намалување на дел од акцизите, новиот раст на цената на нафтата може да донесе дополнителни предизвици за граѓаните.
„Воените дејства во Заливот се заоструваат и се интензивираат, така што очигледно нè очекуваат нови предизвикувачки денови. Како Влада ќе интервенираме со дополнителни мерки, а во моментов ги анализираме сите можности. Дали ќе бидат таргетирани или општи мерки, тоа дополнително ќе се утврди“, изјави Мицкоски.
На прашањето дали е можно намалување на данокот на додадена вредност на горивата доколку продожи актуелната состојба, премиерот одговори дека и таа можност е на маса.
Од опозициската СДСМ велат, секоја „мерка“ на Мицкоски била нов удар врз џебот на народот, граѓаните со страв ги чекале неговите најави.
Инаку, цената на светските берзи на нафтата се наближува до 100 долари за барел
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата