Билјана Кириќ (17) е ДЕВОЈКАТА ПРОНАЈДЕНА МРТВА ВО ЗАПАЛЕНИОТ АВТОМОБИЛ во Богданци, Виктор Гунтаров Е ОБЕСЕНИОТ МАЖ

Vecer | 04.11.2026

Билјана Кириќ (17) е ДЕВОЈКАТА ПРОНАЈДЕНА МРТВА ВО ЗАПАЛЕНИОТ АВТОМОБИЛ во Богданци, Виктор Гунтаров Е ОБЕСЕНИОТ МАЖ

Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ е девојката која беше пронајдена мртва во трагедијата кај Богданци, заедно со 21-годишниот Виктор Гунтаров. Според првичните индиции на Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство, но точните околности и причините за смртта допрва треба да бидат утврдени.

На трагедијата ѝ претходеле пријави за насилство и закани. Според информациите од надлежните институции, против 21-годишниот маж претходно била водена постапка поради пријавено насилство врз девојката.

МВР потврди дека на 30 септември годинава, околу 21 часот, Гунтаров бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.

На 16 октомври Основното јавно обвинителство Гевгелија примило пријава за загрозување на сигурноста на малолетничката и започнало постапка. Биле определени термини за сослушување и биле издадени наредби за вештачења.

Паралелно, во постапка за заштита од насилство, судот изрекол мерки со кои на мажот му било забрането да ѝ се приближува и да ја вознемирува девојката. Според досега објавените информации, мерките сè уште биле во сила кога се случила трагедијата.

Според неофицијалните информации до кои дојде Скопје1, Гунтаров наводно ја чекал Билјана пред теретана во Гевгелија, по што насилно ја внел во автомобил и се упатил кон Богданци. Овие околности засега не се официјално потврдени.

Трагедијата беше откриена на 3 ноември, кога околу 18:40 часот во полицијата било пријавено опожарено возило на местото викано „Ичева чешма“, во месноста Горно Село кај Богданци.

Телото на 21-годишниот маж било пронајдено надвор од возилото, додека во опожарениот автомобил било откриено уште едно изгорено тело.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија изврши увид на лице место и издаде повеќе наредби за обезбедување докази со цел да се испитаат причините за настанот. Издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, а обезбедени се и снимки од видео надзор. Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан“, соопшти Обвинителството.

Обдукцијата и анализата на обезбедените докази треба да покажат што точно се случило во последните часови пред смртта на Билјана и Виктор.

Случајот отвора и сериозни прашања за ефикасноста на институционалната заштита на жртвите на насилство, особено кога претходно постоеле пријави и судски мерки за забрана на приближување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk