Поранешен градоначалник на општина Чашка доби кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ зашто вработил 10 лица на кои им исплаќал надоместок со што го оштетил буџетот за 725.562 денари, соопшти полицијата.
Г.С.(47) се товари дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик. Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници.
На 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал пари по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
На едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот им овозможил на 11 вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата