Премиерот Христијан Мицкоски побара истрага за случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, оценувајќи дека во постапката има „груба манипулација“. Тој изјави дека лично ќе го следи случајот и обвини дека локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство е сочесник во процесот. Според Мицкоски, постојат разлики меѓу извештајот на надлежното Основно јавно обвинителство и записникот што бил доставен од Вишото јавно обвинителство во Битола, поради што очекува инситуциите да спроведат темелна истрага.
Јас вчера го следев случајот и малку се заинтересирав. И мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.
Тој вели оти не би сакал да шпекулира со имиња и презимиња, затоа што допрва ќе има истрага за овој процес.
-Наскоро ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој којшто е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Така што, ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и јас лично ќе го следам овој случај, рече Мицкоски.
Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, а еден ден потоа тој ја напуштил земјава преку граничниот премин Табановце. Марковски е првообвинет во предметот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милион евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата