Во СДСМ се случува раздор откако лидерот на партијата Венко Филипче ја поздрави пресудата на судот во Хаг за лидерите на УЧК а пратеникот и висок функционер Фатмир Битиќи не ја прифаќа со тврдење дека само Косовскиот народ има право да носи финална пресуда.
СДСМ и Венко Филипче, сметаат дека првостепената пресуда од судот во Хаг со која Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор мора да се почитува, нагласувајќи го принципот дека законот мора да важи еднакво за сите. Според СДСМ, одлуката на судот треба да биде прифатена од сите страни, со цел да се избегнат непотребни тензии или дополнителни поделби во регионот.
За неговиот партиски колега Битиќи конечниот суд може да го даде само Косово.
,,Денешната одлука во Хаг е судска пресуда и, како таква, ќе биде предмет на правна оценка и право на жалба.
Сепак, ниту една судска одлука не може да ја испише историјата на еден народ, ниту пак може да го поништи ослободителниот карактер на неговата борба и жртвата на цела една генерација.
Ова не е пресуда на народот на Косово за неговата борба за слобода. Конечниот суд за таа историја му припаѓа на самото Косово и на генерациите што ја преживеале и што ја наследуваат”, напиша Битиќи.
Четворица поранешни лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, беа осудени вчера во Хаг за воени злосторства извршени против најмалку 385 лица. Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Тачи беше осуден на единствена казна од 25 години затвор, вклучувајќи го и времето поминато во притвор. Тој беше прогласен за виновен по точката три (незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, како воено злосторство), за суров третман како воено злосторство, по точката 7 за тортура како воено злосторство, по точката 9 за убиство како воено злосторство. Беше ослободен од неколку случаи на воени злосторства, како и од прогон, затворање и злосторства против човештвото.
Вториот обвинет, Јакуп Красниќи, беше осуден на единствена казна од 25 години. Третиот обвинет, Кадри Весели, беше осуден на единствена казна од 18 години затвор. Четвртиот обвинет, Реџеп Селими, беше осуден на единствена казна од 13 години.
Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото. Времето поминато во притвор е вклучено во казната.
Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинетиво Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во текот на 1998 и 1999 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата