Нова дипломатско-историска афера ја тресе регионалната јавност откако познатиот бугарски новинар и историчар, Горан Благоев предупреди дека меѓу 53-те црковни предмети што Бугарија неодамна ѝ ги предаде на Грција во рамките на договорот за останките на цар Самуил, се наоѓа и непроценлива реликвија која нема апсолутно ништо заедничко со Грција – сребрената кутија со моштите на Света Матрона која потекнува директно од Охрид.
Според историските документи, оваа драгоценост била однесена од црквата „Богородица Перивлепта“ во Охрид во 1916 година и испратена на „привремено чување“ во Софија. Во официјалниот акт од 28 ноември 1916 година, потпишан од тогашните локални власти и митрополит Борис, под број 10 експлицитно е запишана „една голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона“, која со децении се чувала во Националниот историски музеј во Софија како реликвијар од 1798 година.
Дали Софија ѝ подарила на Грција туѓо културно богатство?
И додека бугарските власти тврдат дека на Грција ѝ се враќаат предмети од грчки манастири под формулација дека истите не се трајно отпишани туку само привремено отстапени, Благоев предупредува дека предавањето на охридската реликвија може да прерасне во огромен скандал.
Целата ситуација дополнително добива бизарна нота со самата размена на коските на цар Самуил, кои Грција ги предаде на Бугарија, иако светските и бугарските експерти јавно потенцираат дека нема генетска потврда дека тие навистина му припаѓаат на царот, особено со оглед на антрополошките податоци дека погребаниот маж бил висок едвај 155 сантиметри.
Во меѓувреме, апелите се јасни: доколку се потврди дека станува збор за завештениот предмет од охридските црковни ризници, украдената реликвија мора под итно да биде вратена таму каде што припаѓа – во древниот Охрид.
Изјавата на Благоев може да ја видите ТУКА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата