По петчасовната дискусија без пауза за извештајот за изборниот резултат и внатре-партиските проблеми, Социјалдемократите задоволни го завршија 31 Конгрес на партијата.
Иако се одржа во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон претседателот Венко Филипче од поранешни партиски функционери, епилогот не донесе никакви турбуленции.
Немаше оградување од грешките на претходниците, ниту барање за прошка за своите грешки од старо-новото раководство. Немаше ниту реален приказ зошто доживеаа изборни дебакли.
Немаше оставки, ниту барања за исклучување од партијата на, како што ги нарече Филипче, „тројанските коњи„ кои ја поткопуваат партијата од внатре, иако им порача дека можат да си заминат веднаш и дека нема време за предавства.
Во првиот ред на Конгресот покрај Филипче седеа: Ѓорѓи Трајчев, Благој Бочварски, Миле Зечевиќ, Владо Бучковски, Ана Чупеска, Андреј Жерновски, Јон Фрчкоски, Јована Тренчевска, Фани Каранфиловска, Александар Трајановски, Александар Димитријевиќ, Љупчо Фармаковски...

„Се дискутираше и за разочараноста на луѓето кои трчале во кампања за тие исти лица кои сега ја критикуваат партијата, имавме одлична и плодна дебата за извештајот за изборите и сите отворени прашања. Можам да кажам дека имавме успешен Конгрес. За сите овие работи ќе се дискутира и на седниците на партиските тела и ќе се види дали се потребни статутарни измени“,изјави Филипче.
Голем дел од својот говор пред делегатите тој ѝ го посвети на владата, обвинувајќи ја дека наместо реформи, донела економска и политичка катастрофа, дипломатска изолација и блокиран европски пат.
„Европа нѐ отпиша, Америка не нѐ запишува“, рече Филипче додавајќи дека наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа.
Вратите на СДСМ се отворени за секој чесен човек. Но нема место за тројански коњи, за оние што седат на две столици и работат за власта. Или сме заедно во оваа битка, или не сме ништо, порача Венко Филипче во обраќањето.
– Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо – рече Филипче.
Тој рече дека после Конгресот партијата ќе оди на терен за да ја разбуди Македонија
– Нема седење дома. Нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. Одиме на терен, во секој град и секое село. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија. СДСМ се разбуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно. Пред нас е праведна борба – со знаење, чесност и срце. Затоа што иднината нема да ни биде подарена. Ќе ја освоиме заедно. Од овој момент надежта има име – СДСМ – рече Филипче.
Тој порача дека за да го победи злото надвор, партијата мора да биде силна внатре.
– Знам дека во минатото имавме турбуленции. Знам дека имаше разочарувања. Некои си заминаа, некои се вратија, а некои сè уште стојат на прагот и калкулираат – рече тој.
Според него, СДСМ е партија на борбата и на одлуките. Партија која знае како се води држава кога е најтешко. Кога другите се кријат, тие преземаат одговорност.
– Ние не сме партија создадена од гнев. Ние сме партија создадена од идејата за слобода…. Државотворност тече во вените на секој еден од нас. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава. Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштал мрак, кога и да владеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016 година, и така ќе биде и сега. Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом. И затоа денес не стојам тука само како претседател на партија, туку како човек кој со загриженост гледа како се спушта тешка оловна завеса над нашата татковина. Се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека се победени. Ако ние, наследниците на партизаните, државниците и визионерите, не ја кренеме таа завеса, никој друг нема да го стори тоа. Ова е собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше – рече меѓу другото Филипче.
Тој повтори дека СДСМ нема да биде контролирана опозиција. Додаде и дека критиката не е доволна, дека е потребна визија, како и социјална држава, која, како што рече, може да ја обезбеди само СДСМ.

Конгресот им изгласа доверба и на Централниот и на Извршниот одбор на партијата, како и на заменик-претседателката Фани Каранфиловска-Пановска.
Од поранешните претседатели на партијата, на конгресот присуствуваа Владо Бучковски и Димитар Ковачевски. Отворениот дел го следеа и делегации од ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, како и од нивните помали коалициони партнери.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата