Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспостави нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој не се води од импровизации, туку од јасни критериуми, визија и стратегија. Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност.
Ова го подвлече премиерот Христијан Мицкоски на седницата на Комитетот за јавни инвестиции на која треба да се утврди листата на инвестициони проекти кои ќе треба да се реализираат со државни пари.
-Ова не е само административна одлука. Ова е суштинска промена во начинот на кој ќе ја градиме иднината. Зашто јавните инвестиции не се бројки на хартија, тие се патишта по кои се движи економијата, училишта во кои учат нашите деца, болници во кои се лекуваат нашите граѓани, енергетски капацитети кои ја гарантираат стабилноста на државата – рече Мицкоски.
Тој додаде дека листата на проектни идеи која се разгледува е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.
-Во транспортот, зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија. Во образованието, продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Универзитетот „Мајка Тереза”. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем. Во здравството, инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин – наведе тој.
Мицкоски додаде дека, во дигиталната трансформација, се поставуваат темели на модерна држава преку воспоставување на владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната сајбер безбедност..
-Во земјоделството и водостопанството, инвестициите во системите како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната. Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството – рече Мицкоски.
Тој информира дека за сите проекти е добиено позитивно мислење од Министерството за финансии, што , како што рече, покажува дека проектите се издржани.
-Но, токму тука започнува вашата најголема одговорност. Комитетот не е формалност. Комитетот е филтерот на квалитетот. Вашата задача е да ја утврдите листата на оценети и одобрени проектни идеи, која ќе биде основа за првата Конечна приоритетна листа на јавни инвестиции – рече Мицкоски.
Комитетот за јавни инвестиции се формира во септември лани со одлука на Владата, и треба да го следи напредокот на инвестициите, ја проценува нивната изводливост и обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства.
Со Комитетот претседава министерот за финансии, а во неговиот состав се вклучени сите ресорни министри, што треба да овозможи одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлозите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата