logo
logo
logo

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ ОД МВР: За две недели се поднесени 21 пријавa за семејно насилство, регистрирани и обид за убиство и силување

Vecer | 08.03.2026

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ ОД МВР: За две недели се поднесени 21 пријавa за семејно насилство, регистрирани и обид за убиство и силување

Во текот на последните две недели Министерството за внатрешни работи поднело 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои шест пријави се поднесени по брза постапка.

Покрај тоа, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени и пет кривични пријави за родово базирано насилство – три за делото „загрозување на сигурноста“ и две за „демнење“.

Во овие случаи изречени се пет мерки притвор, како и една мерка „претпазливост“.

Според податоците на МВР, најголем дел од регистрираните кривични дела поврзани со семејно насилство се „загрозување на сигурноста“ – 11 случаи, како и 10 случаи на „телесна повреда“. Регистрирани се и по едно кривично дело „тешка телесна повреда“, „неизвршување судска одлука“, „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“, како и „полов напад и силување“.

Во врска со делото „обид за убиство“ што се случи пред неколку дена во Скопје, од МВР информираат дека сторителот е лишен од слобода и се преземаат мерки за целосно документирање на случајот и поднесување соодветна кривична пријава.

По сектори за внатрешни работи, најмногу пријави се поднесени во Скопје – пет, како и во Струмица – пет. СВР Охрид поднел четири пријави, СВР Штип три, СВР Куманово две, а по една кривична пријава се поднесени во СВР Тетово и СВР Велес.

Во наведениот двонеделен период, на територијата на државата се пријавени 39 настани поврзани со кривични дела од областа на семејното насилство, како и 63 поплаки за семејно насилство.

Од МВР посочуваат дека во споредба со претходните години, во 2025 година е забележан тренд на зголемување на бројот на изречени мерки притвор во рамки на кривичните пријави поднесени по брза постапка, тренд кој продолжува и во 2026 година, особено по законските измени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk