Основниот суд во Кавадарци им изрече затворски казни од вкупно 10 години на двајца жители на селото Копришница, Демир Капија, за кривично дело „грабнување“. Првообвинетиот Б. М. (37) е осуден на шест години затвор, додека соизвршителот Ќ. С. (30) доби четири години затвор. Двајцата ја признале вината и изразиле каење, но Обвинителството најави жалба на пресудата. Психијатриското вештачење покажало дека Б. М. страда од хронична психоза, параноја и патолошка љубомора.
Морничавиот настан се случил на 12 април годинава, кога двајцата напаѓачи со пиштол и закани од дворот на куќата во Неготино грабнале 21-годишно момче и го качиле во „мерцедес“. За време на возењето го удирале, му го фрлиле телефонот и му ставиле црна ќеса на главата, по што го однеле во шума кај Демир Капија.
Таму жестоко го тепале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди, а му се заканувале и со убиство за да го принудат да признае дека ја силувал сопругата на Б. М.
Иако му го одзеле телефонот, момчето претходно успеало да испрати порака за помош до полицијата, а грабнувањето го забележале и соседите. Откако полицијата ги идентификувала и ги контактирала грабнувачите, тие сфатиле дека се откриени и самите го донеле претепаното момче во полициската станица во Неготино.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата