Година и половина по кобната ноќ во Кочани, семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ повторно излегоа на улица.
49 тиот марш одбележува 550 дена без 63 млади кои отидоа на концерт и не се вратија дома.
Со фотографии на своите најблиски во рацете, и пароли со барање правда и одговорност за трагедијата која засекогаш им ги промени животите.

- Со празни соби. Со фотографии наместо прегратки. Со родендени без нив. Со живот кој никогаш повеќе нема да биде ист. И со едно исто прашање: Како беше можно ова да се случи? И кој можел да го спречи, а не го спречил? Само два дена пред овој марш, од одбраната на Дејан Јованов – Деко слушнавме дека притворот не можел да продолжи „освен ако не се измисли ново кривично дело“ и дека, ако имало друго дело, досега ќе имало постапка. Во исто време се нуди и имот како гаранција за негово излегување од притвор. И токму зборот „гаранција“ денес особено боли. Денес слушаме за имот како гаранција за нечија слобода. А ние, родителите, прашуваме: КОЈ ИМ ЈА ГАРАНТИРАШЕ БЕЗБЕДНОСТА НА НАШИТЕ ДЕЦА КОГА ВЛЕГОА ВО „ПУЛС“? Кој им гарантираше дека објектот е безбеден?

И затоа, кога слушаме дека за продолжување на притворот требало да се „измисли ново кривично дело“, имаме право да прашаме: ШТО ТУКА ТРЕБА ДА СЕ „ИЗМИСЛУВА“? Ние не сме судии. Не сме обвинители. Не сме адвокати. Ние сме родители. Не пишуваме обвиненија и не пресудуваме. Но година и пол ги следиме доказите, сведочењата и вештачењата. И гледаме многу прашања што сѐ уште бараат одговор. „Пулс“ не почнал да работи на 16 март. Работел со години. Со години се организирале забави и концерти. Со години влегувале млади луѓе. Со години се заработувало.
Осумнаесет месеци подоцна – тишината во нашите домови е иста, а прашањата сè уште бараат одговор, порачаа родителите од денешниот 49 Марш за ангелите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата