logo
logo
logo

Алиу: Проблемот со платите од 700.000 денари во здравството ќе се решава институционално, а не со спектакли

Vecer | 27.03.2026

Алиу: Проблемот со платите од 700.000 денари во здравството ќе се решава институционално, а не со спектакли

Во јавното здравство имаме лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата, имаме лекари со плата од 700 илјади денари, а тоа е повеќе од 10 илјади евра. Министерството за здравство ги знае институциите, но дозволете тоа институционално да го решиме, изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конфренција на која беше презентиран новиот Закон за лекови.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера на пратенички прашања во Собранието кажа дека има здравствени работници кои работеле секој ден, по 24 часа и на тој начин ги зголемувале месечните плати.

Треба да зборуваме и со доза на критика за одредени здравствени работници кои преку чуден „елексир“ на континуирана работа пријавуваат дежурства и добиваат месечни примања и над 10.000 евра. Има примери на лица кои „работеле“ 31 ден по 24 часа, без одмор и пауза. Чудно, но вистинито – изјави премиерот.

Министерот Алиу денеска кажа дека ги знаат институциите, но побара тоа да не биде соопштено на прес-конференцијата, туку институционално да биде решено.

Тоа повлекува и други административни и законски процедури коишто не би смеел јас како министер денеска да ги кажам на прес-конференција, бидејќи ќе загрозам процес којшто не треба да се загрози. Идејата не е да направиме спектакл од здравството, идејата е да го спречиме тоа што во моментот го има во здравствениот систем и да креираме систем којшто навистина ќе спречи и ќе биде во кондиција да може да опслужи во реално време и без такви злоупотреби на нашите граѓани, изјави Алиу.

Министерот пред новинарите кажа дека има ситуација каде што имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно.

И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме, кажа Алиу.

Тој објасни дека во Министерството за здравство имаат податоци за секоја институција колку има вработени, колку тие вработени работат дополнително, колку работат часови и дали се во согласност тие институции со законските предвидени ограничувања.

Знаете дека максимум 20% мора да се работи на тоа, и ние имаме институции коишто веќе се дефинирани дека тоа не е постапено, односно имаат многу повеќе од тоа. Во тој процес, исто така, имавме прес-конференција за листа на чекање којашто веќе порталот функционира и е достапен. Денеска имав состанок со таа работна група – дали се ажурира на време? За жал, не се ажурира и барав од сите здравствени институции да мора дневно да се ажурира. Најверојатно ќе најдеме и законско решение за да може да ги казниме институциите и директорите ако тоа не се постапува. Веќе за џабе ние креираме дигитални решенија ако тие решенија не се „хранат“. Вие може да имате решение, ако некој не става податоци внатре, за џабе ви се тие решенија. Исто така, тука мора да бидеме построги. Веќе го тестиравме едно од решенијата коешто со закон е овозможено, а тоа е фингерпринтот, за да може здравствените работници со „check-in“ и „check-out“ да направат според тој систем. Веќе во две клиники тестираме ваков систем. Ќе го воведеме прво во Скопје, а после во целата држава, за да може да ги следиме, изјави Алиу.

Министерството за здравство бара од приватните здравствени институции да види таму колку вработените во државните здравствени институции трошат време.

Тоа е процес којшто мора да се компарира, процес којшто трае и морам да бидам искрен, процес којшто има препреки, бидејќи со тешки маки и енергија доаѓаме до податоци. Еве за жал, ако влезете сега во листа на чекање ќе видите институции коишто не ажурираат податоци, а законски мора да го направат тоа. Тоа е тоа, мора да се смени менталитетот и затоа ќе работиме паралелно и на законски решенија и на терен со нашите органи коишто имаат надлежност за тоа, изјави Алиу.

Според Алиу, процесот на дигитализација не е само да имате компјутер во ординација.

Процесот на дигитализација значи дека секој еден чекор во здравствениот систем мора да биде регистриран и видлив за контролните механизми. Како што споменав претходно за лековите за ретки болести, така и за секојдневната работа на лекарите. Со новиот систем, ние точно ќе знаеме кога еден лекар влегол на работа, колку пациенти прегледал и дали тие прегледи се во согласност со термините што се закажани преку ‘Мој Термин’. Ние не сакаме да бидеме полицајци во здравството, но мора да има ред. Не може еден пациент да чека со месеци за операција или преглед, а во исто време да гледаме дека капацитетите на клиниките не се искористени максимално во текот на работното време. Овој закон што го подготвуваме ќе овозможи и поголема моќ на инспекторатот и на самите директори на клиниките да реагираат доколку видат дека има отстапувања од протоколите, кажа Алиу.

Тој кажа дека се работи на поврзување на софтверот на аптеките со нашиот централен систем

Тоа ќе спречи било каква манипулација со рецепти или со залихи на лекови кои се на позитивната листа. Транспарентноста е единствениот начин да ја вратиме довербата на граѓаните во јавното здравство, додаде Алиу.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk