Приходите на Агенцијата за управување со одземен имот во 2025 година пораснале за речиси 90 отсто во споредба со претходната година. Лани биле реализирани околу 2,62 милиони евра, додека во 2024 година изнесувале околу 1,38 милиони евра.
Во компаративниот документ Агенцијата наведува:
„Во 2025 година АУОИ, што се однесува до остварени приходи, реализирала и наплатила 100% повеќе приходи во однос на 2024 година. Во 2025 година, АУОИ имала два пати поголем број на отстапени возила и отстапена разна стока на државни институции и два пати повеќе конфискувани недвижности.“
Најголем дел од парите дошле од недвижности, автомобили и одземени парични средства.
Во 2025 година биле продадени пет недвижности, една во Охрид, една во Чаир, две во Кисела Вода и една во катастарската општина Богородица. Од продажбите биле собрани околу 1,25 милиони евра. Се верува дека поголем дел од оваа сума е наплатен од имот конфискуван во случајот „Империја“, иако во извештајот не е наведено од кој судски предмет потекнува секоја недвижност.
Од парите добиени со продажбата на недвижностите, околу 1,16 милиони евра биле префрлени во државниот буџет, а приближно 87.000 евра останале на посебната сметка на Агенцијата. Според распределбата, 93 отсто од приходите од продажба одат во Буџетот, а седум отсто остануваат како сопствен приход на Агенцијата.
Значително повеќе пари биле наплатени и од автомобили. Во 2025 година Агенцијата продала 30 возила за околу 132.000 евра, додека една година претходно биле продадени пет возила за околу 14.500 евра. Дополнително, 384 хаварисани возила биле продадени како старо железо за околу 61.000 евра.
Од наплатена имотна корист по судски пресуди и од конечно одземени пари биле собрани уште околу 1,18 милиони евра. Целата оваа сума била префрлена во државниот буџет.
Од вкупните 2,62 милиони евра реализирани во 2025 година, околу 2,52 милиони евра завршиле во Буџетот, а приближно 101.000 евра останале на сметката на Агенцијата.
Агенцијата за управување со одземен имот го презема, чува, проценува, отстапува и продава имотот конфискуван со судски одлуки. Приходите од продажбата на недвижности, возила и други одземени предмети во најголем дел се уплаќаат во државниот буџет, додека помал дел останува за работењето и трошоците на Агенцијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата