ВРЕДИ ја осуди објавата со која, како што наведуваат од коалицијата, се велича воениот злосторник Ратко Младиќ, оценувајќи дека за ваквите постапки треба да има политичка и институционална одговорност.
Од ВРЕДИ велат дека за геноцидот во Сребреница не смее да има релативизација или оправдување и нагласуваат дека нивната политичка одговорност е пред граѓаните кои им ја дале довербата.
Во соопштението ВРЕДИ остро ја критикува и ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека има двојни стандарди кога зборува за српското политичко, економско и медиумско влијание во регионот.
„Што и да каже оваа нереформирана и лицемерна ДУИ, која функционира како старо политбиро, на крајот завршува со автогол“, наведуваат од ВРЕДИ.
Од коалицијата се осврнуваат и на периодот кога ДУИ беше дел од власта, посочувајќи го учеството на партијата во проектот „Отворен Балкан“. Според ВРЕДИ, станува збор за иницијатива која ДУИ во тој период ја претставувала како нова регионална иднина, додека денес, како што велат, истиот концепт го поврзува со терминот „српски свет“.
„ДУИ го бара ‘српскиот свет’ кај другите, но бега од сопствената политичка биографија“, велат од ВРЕДИ, додавајќи дека ДУИ со години била дел од владите и учествувала во носењето на клучни политички одлуки.
Од ВРЕДИ најавуваат дека доколку ДУИ продолжи да отвора теми поврзани со „српскиот свет“, тие ќе одговорат со, како што наведуваат, конкретни датуми, изјави и документи поврзани со периодот кога ДУИ била на власт.
„Ќе потсетиме што зборуваа и што премолчуваа додека беа на власт, како и што се случуваше пред нивни очи“, стои во соопштението на ВЛЕН.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата