Вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети просториите каде се управува со системот “Безбеден град” откако денеска почна и официјалната примена на системот за регистрирање на сообраќајни прекршоци. Рече дека имало околу 500 казни.
-Денес сме први февруари, некаде околу 20 часот. Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба од пред два месеци кога започнавме со тест периодот. Имаме од прилика околу петстотини сообраќајни прекршоци коишто се констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи Вие сте тие коишто овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120.000 на 500 прекршоци. Вие сте тие којшто го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгодни некаде околу 35% на територија на СВР Скопје и Вие сте тие којшто го намаливте бројот на смртни случаи настанати во рамки на сообраќајни незгоди од 11 на 4, потенцираше министерот Тошковски при посетата на просториите кои се класифицирани како доверлива информација од највисок степен.
Министерот за внатрешни работи преку видео порака повтори дека со имплементирањето на овој проект и неговото официјално пуштање во употреба, за неколку часа “покажуваме дека сме можеле европските вредности да ги имплементираме во Македонија и сме можеле да покажеме еден поинаков пристап, за разлика од претходно.”
Системот првично ќе регистрира и казнува прекршоци за побрзо возење од дозволеното, за поминување на црвено светло и за управување на нерегистрирано возило.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата