Бројот на нови заболени во Гостивар е во опаѓање, а епидемијата влегува во смирувачка фаза, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Според него, во изминатото деноноќие се регистрирани 80 нови пациенти, што е двојно помалку во споредба со претходните денови, додека вкупниот број на заболени изнесува околу 4.000.
Но и покрај намалувањето на бројот за заразени, додаде, според последните анализи водата од градскиот водовод се уште не може да се користи за техничка употреба.
-Управувачкиот комитет работи на прашањето, а вчерашните резултати сè уште беа недоволни на резидуален хлор. За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во водата, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мерни места во моментов, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за употреба за техничка вода - појасни Клековски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата