Премиерот Христијан Мицкоски очекува при претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта да разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграцијата на државава во Европската унија од, како што рече, вештачкото билатерално барање.
Порача дека ставот на државава не е променет и оти ќе се бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани. Мицкоски повтори дека нема простор ниту милиметар повеќе да се отстапува идентитетски, зашто, посочи, „оваа држава и граѓаните на Македонија дадоа премногу изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку и повторно имаме билатерални барања пред нас“.
- Со претседателот на Европскиот совет, Кошта, досега имаме исклучително пријателски разговори, разменуваме идеи, мислења. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко билатерално барање што го има една земја-членка кон Македонија. Се надевам дека и во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум дека неговото присуство тука, и за време на нашата билатерална средба, а потоа и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се да се надмине пречката, изјави Мицкоски
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата