Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности – напиша на својот профил на Фејсбук градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани, откако голем број на граѓани побарале медицинска помош, а дел од сомнежите одат во насока дека тоа е резултат на контаминирана вода од градскиот водовод.
„По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува.
Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните. Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции.
Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката“ – напиша градоначалникот.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори.
„Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди“, напиша Лимани.
ПУМПИТЕ БИЛЕ ПРИКЛУЧЕНИ, АМА НЕ Е ДО ПУМПИТЕ, НЕ Е ДО ВОДАТА - ЕТЕ ТАКА, ИМ СЕ СЛОШИЛО
Директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ Артана Асани ги негира тврдењата на МВР дека причина за епедимијата која веќе погоди околу 1.200 жители во Гостивар се поставените пумпи на „Комуналец“ во корито за истечни отпадни води, кои потоа навлегле во гостиварскиот водовод.
Според информациите од СВР Тетово, три пумпи биле поставени во корито на истечни отпадни води. Преку нив, водата директно се внесувала во главниот цевковод што го снабдува Гостивар со вода за пиење.
„Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните“, соопштија од полицијата.
– Пумпите се поставени на 25 јуни годинава, само за симулација, користени се само кратко време во раните утрински часови за да се провери дали проектот ќе биде функционален. Веднаш потоа се исклучени, а таа вода во првиот испуст во селото Равен е испуштена во реката Вардар. На 26 јуни направени се анализи и истите се исправни – изјави директорката Асани за 360степени.мк.
Асани приложува микробиолошката анализа на примероци од водата земени по симулацијата од 29 јуни 2026 година, според кои во тој период водата е исправна за користење.
Директорката смета дека епедемијата не предизвикана од водата, туку од храната и од топлото време. Еден од аргументите за такво тврдење е и дека имало граѓани кои пиеле само флаширана вода, а сепак имаат симптоми како и сите останати.
ЈП „Комуналец“ во меѓувреме соопшти дека синоќа, Обвинителството, во соработка со Институтот за јавно здравје, зело дополнителни примероци, кои при првичните микробиолошки анализи ги исполнуваат вредностите и параметрите за безбедна вода за пиење. Сепак, велат од ЈП „Комуналец“- Гостивар, останува во сила официјалната препорака објавена на 24 јуни водата да не се користи за пиење, сè додека не се добијат конечните лабораториски резултати.
Во гостиварската болница за неколку дена се јавиле меѓу 1,000 и 1.200 граѓани со слични симтоми – повраќање, дијареа, телесна слабост и покачена телесна температура.
ЗАГРОЗУВАЊЕ ЈАВНО ЗДРАВЈЕ Е КРИВИЧНО ДЕЛО
Кривичните дела поврзани со загрозување на јавното здравје се регулирани во Глава 14 од Кривичниот законик (КЗ) на Република Македонија. Овие дела ги опфаќаат следните клучни прекршувања:
Пренесување на заразна болест (Член 205) - Лицето кое со кршење на прописи или наредби на надлежните органи ќе предизвика пренесување на заразна болест, се казнува со парична казна или затвор до три години. Ако се пренесе неизлечива болест, казната е од 1 до 10 години затвор.
Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија (Член 206) - Тој што не постапува според прописите, одлуките или наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на опасни заразни болести.
Загрозување на животната средина и природата со отпад (Член 218 - 230) - Дела поврзани со пуштање во прогон на штетни материи, загадување на водата, воздухот или почвата, со што директно се загрозува здравјето на луѓето.
Производство и пуштање во продажба на штетни прехранбени продукти (Член 203) - Производство, преработка или продажба на храна или пијалоци кои се штетни за здравјето и со кои се загрозува здравјето на луѓето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата