logo
logo
logo

Некаде веќе се применува и дава резултати

Онаму каде што треба - ќе се користат, онаму каде што штети ЌЕ СЕ ОГРАНИЧИ КОРИСТЕЊЕТО МОБИЛНИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Vecer | 11.05.2026

Онаму каде што треба - ќе се користат, онаму каде што штети ЌЕ СЕ ОГРАНИЧИ КОРИСТЕЊЕТО МОБИЛНИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Ќе се засили контролата на користењето мобилни телефони за време на наставата, кое е забрането, и во најголем дел од училиштата директорите и наставниците веќе презеле мерки со кои на учениците им се одземаат телефоните и ги добиваат за време на одморите – рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на настан во Занаетчиската комора, посветен на градењето вештини кај младите.

– Со оглед на тоа што целата земја не е покриена со интернет-мрежа, со паметни табли и со таблети, доколку наставникот процени дека е потребно да се употреби мобилниот телефон на децата, тогаш тој ќе даде посебна дозвола. Сметам дека овој начин за справување со мобилните телефони во училиштата е добар. Проблем е што учениците ги добиваат телефоните од родителите, надвор од училиштата, и тогаш тие неконтролирано се користат – рече Јаневска.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски посочи дека, додека бил градоначалник на Кисела Вода, не биле дозволени електронски уреди во наставата и дека општината била меѓу првите што забранила користење мобилни телефони.

Тоа е добро да се практикува и во средните училишта и за тоа ќе разговараме со сите директори на средните училишта. Онаму каде што ќе има потреба да се користат, и е во согласност со наставата, таму ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот – изјави градоначалникот на Скопје во чија надлежност се средните училишта во главниот град.

Министерката за образование и наука најави лиценцирање на училишните психолози за да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки. Во врска со случаите на педофилија кај наставници, Јаневска изјави дека во образованието има многу проблеми, но, рече, овој е еден од најтешките. За случаите, кои се познати во јавноста, рече Јаневска, постапил Државниот просветен инспекторат и е пријавено и во полиција и во јавните обвинителства.

По најавата за воведување дежурство на наставници во училишните ходници и во дворовите за обезбедување мирна средина, Јаневска посочи дека тоа не е нов облик и во некои училишта тоа функционирало.

Но во многу училишта не функционира. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја, но и во странство. Тие се луѓето одговорни за однесувањето на учениците и за мирната средина во училиштето. Но, сакам да нагласам дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија во училиштата, па затоа не е одговорноста само на наставниците, на целото општество, и треба да се работи и со родителите и со социјалните служби. Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни – додаде Јаневска.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk