Полицијата привела 35-годишен жител на Бучим, откако при преглед на неговото возило биле пронајдени 14.440 евра во различни апоени, за кои тој не приложил доказ за потеклото на парите.
Од СВР Струмица информираат дека на 13 август, полициски службеници од ОВР Радовиш го забележале возилото „Ауди“ со радовишки регистарски ознаки на магистралниот пат Радовиш–Штип, кај крстосницата за Неготино. Со возилото управувал М.В. од село Бучим, кој претходно имал изречена мерка на претпазливост – забрана за напуштање на домот, поради сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Возилото било запрено кај крстосницата за село Бучим, каде при извршениот преглед полициските службеници ги пронашле парите.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки М.В. бил задржан во Полициската станица Радовиш.
Следниот ден, 14 август, тој бил изведен пред судија во Основниот суд Гевгелија, кој му определил притвор во траење од 30 дена. По одлуката, бил спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.
Од ОВР Радовиш, под насоки на јавен обвинител, продолжуваат со преземање мерки и активности за утврдување на сите факти и обезбедување докази во врска со сомнението за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 од Кривичниот законик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата