Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, порача дека Македонија од официјална гледна точка ја има затворено темата со Софија околу дипломатската нота за семејството на премиерот Христијан Мицкоски и дека сега се очекува соодветен одговор од бугарска страна.
Муцунски децидно изјави дека истрагата за случајот треба да се спроведе таму „каде што најдобро знаат“, но упати и остри критики до официјална Софија за начинот на кој се однесува кон овој скандал.
„Истрагата треба да се направи таму каде што најдобро знаат, нека се направи. И мислам дека тука, од официјална гледна точка, ние со Софија ја затворивме темата и очекуваме соодветен одговор од нивна страна. Според мене, не е во духот на добрососедството и пријателството да се каже дека се работи за стара информација. Тоа не е добар пристап кога ја оспоруваме дипломатската комуникација - рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата