Луксузот на Рамиз Мерко е товар за новата локална власт.
Аудиото од 67.000 евра кое екс градоначалникот го седна и на обвинителна клупа, општина Струга сега го продава. Тој беше гонет за злоупотреба на службената положба, затоа што набавил 4 службени возила меѓу кои и аудито, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.
Контроверзниот градоначалникот кој се најде на црната листа на САД за корупција и мешање во судски процеси, куртули од затвор.
Судот го ослободи од вина за луксузниот возен парк, тежок околу 114.000 евра.
Со одлука на гратските советници засега на продажба оди само Аудито А6.
”И ние како советничка група и неколку останати советници гласавме за продажба на тоа возило од проста причина што многу добро знаеме во какви околности беше купено тоа возило и во какво време кога не беа запазени приоритетите на граѓаните.Струга имаше многу посериозни проблеми кои требаа да се решат, а не да се купува едно такво луксузно возило”–вели Коста Хјохи-советник од ВМРО ДПМНЕ,Струга
Службениот автомобил со кој Мерко се развозуваше, сега ќе го вози некој за 6 пати пониска цена, неговата моментална проценета вредност изнесува 10.000 евра.
”Согласно важечките прописи, за возилото е пресметувана годишна амортизација од 15%, при што неговата моментална проценета вредност изнесува 618.602 денари или 10.000 евра. Почетната цена на продажбата ќе биде еднаква на проценетата вредност, утврдена од овластен проценител.Крајната продажна цена ќе се утврди преку самата постапка на јавно електронско наддавање” велат од општина Струга.
Аудито кое како службено возило се користело 6 години, било поправано два пати: во март 2024-та и во јануари 2025-та за што биле потрошени вкупно 4.000 евра.
Колку пари месечно трошел Мерко за гориво?
-Во однос на трошоците за гориво, евиденција се води за целиот возен парк на општината, а не поединечно по возило. Заради обемот на податоците за споредба е земен ист месец во две последователни години. Во декември 2024 година за горило отишле 1000 евра,а во декември 2025-та, 446 евра, информираат од општинската администрација.
Покрај аудиото Мерко набави и 3 шкоди, дали и тие ќе се продаваат, ќе се одлучувало врз основа на нивната техничка состојба, економска оправданост и реалните потреби на општинската администрација.
Инаку во комфорните автомобили со 5 седишта од по 18-тина илјади евра Мерко своевремено изјави дека ќе се возеле не само за службени патувања, туку и низ град, оти Струга се протегала на територија од 50 км и не се одело пеш нити со велосипеди.
Побрзи коли,поефикасна администрација,вака Мерко ја правдаше набавката на новите коли кои летаа по струшките улици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата