logo
logo
logo

Новото рочиште за закланите коњи во ЗОО Скопје: „Анима Мунди“ бара одговори од институциите

Vecer | 09.03.2026

Новото рочиште за закланите коњи во ЗОО Скопје: „Анима Мунди“ бара одговори од институциите

Институциите молчат за закланите коњи во ЗОО Скопје, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Во пресрет на новото судско рочиште за случајот со закланите коњи во Зоолошката градина Скопје од јули 2022 година, кое како што информираат, треба да се оддржи денеска во 10:30 часот, здружението испратило барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до ЗОО Скопје и до Државното правобранителство.

„Со барањата побаравме одговор , меѓу другото, на едно суштинско прашање: Чии се коњите кои биле одземени од сторители на кривични дела, ставени под институционална грижа и потоа заклани? Покрај конкретните прашања поврзани со самиот случај, испративме и генерички, системски прашања за правниот статус на одземените животни -кој е нивниот сопственик, кој е одговорен за нивната благосостојба и кој се смета за оштетена страна кога такви животни се убиваат. Ниту едно прашање од овие барања не е одговорено“.

Ова молчење, како што велат е особено загрижувачко затоа што не се бараат информации што би ја попречиле судската постапка. Напротив, според нив, станува збор за основни прашања од јавен интерес за функционирањето на системот.

„Ако институциите не можат или не сакаат да одговорат чија сопственост се животните што државата ги одзема, тогаш се отвора опасна правна празнина: дали е можно живи суштества да бидат одземени од криминал, ставени под институционална грижа, а потоа да се третираат како ничии , да си ги примопредаваат како ќе им текне и за која и да е намена-невидливи и без правна заштита? Ако нема сопственик, тогаш „нема оштетена страна”. А ако нема оштетена страна, тогаш малтене нема ни штета. Со други зборови, животните стануваат правно безвредни.

За нас е особено скандалозно што во овој случај, масакр врз животни затекнат од полиција, наместо да се третира како „мачење и малтретирање на животни”, се сведува на обвинение за „несовесно работење во службата”. Станува збор за организирано колење на животни во државна институција -пред сведоци и пред очите на јавноста. Полиција упаднала додека траел самиот чин и извела приведување . Ако ваков очигледен случај, црно на бело и документиран, помине без вистинска одговорност, тоа ќе испрати опасна порака дека системот може да ги направи животните ничии, а со тоа и нивното страдање правно неважно“.

Информираат дека одговорите на нивните барањата за информации од јавен карактер се обжалени, а од институциите очекуваат одговори.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk