logo
logo
logo

Радуловиќ негира дека била дел од шема за пасоши

ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ, ПРОФЕСОРКА И ПОЖАРНИКАР смислиле шема за поткуп за побрзо издавање лични документи

Vecer | 06.02.2026

ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ, ПРОФЕСОРКА И ПОЖАРНИКАР смислиле шема за поткуп за побрзо издавање лични документи

Двајца полицајци, една професорка во средно школо и еден пожарникар заработија кривични пријави зашто за пари овозможувале граѓани побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола. Тие ќе се гонат за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.

Кривична пријава е поднесена против полицаецот М.С., поради сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик (КЗ) и кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 2 во врска со член 22 и член 45 од КЗ.

Полицаецот П.П., на работно место во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од КЗ и кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 2 од Кривичниот законик, во врска со член 24 од Кривичниот законик.

Наставничката во скопско средно училиште В.Р. е осомничена за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Пожарникарот А.С., вработен во Град Скопје, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Пријавените во периодот од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола). Целта им била да се стекнат со противправна имотна корист.

Трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување лични документи. Тие ги добивале нивните лични податоци во форма на фотографии и му ги испраќале на второпријавениот П.П.. Тој посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски. Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги, соопшти МВР.

Поранешната македонска ракометна репрезентативка Валентина Радуловиќ јавно реагираше откако денеска Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против неа и уште три лица, поврзана со наводни незаконски дејствија при издавање лични документи.

Во објава на социјалните мрежи, Радуловиќ категорично ги негира обвинувањата, наведувајќи дека станува збор за злоупотреба на нејзина приватна комуникација.

„Категорично ги отфрлам обвинувањата за наводно мое инволвирање во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи. Моја лична порака до пријател, вработен во МВР на издавање пасоши, за ургенција за блиски лица на кои им беше итно потребен нов пасош со новото име, во период кога имаше застој во издавањето, е злоупотребена за моја наводна инволвираност“, напиша Радуловиќ.

Таа додава дека не можела ниту да претпостави дека пријателска ургенција ќе биде искористена во ваков контекст и нагласува дека доколку постои постапка во која се споменува нејзино име, ќе ја докажува својата невиност пред сите надлежни институции.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, информираа дека В.Р се сомничи заедно со двајца полициски службеници и еден пожарникар за примање поткуп од граѓани, на кои им било овозможувано побрзо издавање лични документи.

Според полицијата, осомничените во периодот од февруари до април 2024 година воспоставиле шема за незаконско посредување при издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, со цел стекнување противправна имотна корист.

„По претходен договор, пријавените организирале паралелен неформален начин на постапување, со јасно распределени улоги, утврдена цена, време и начин на извршување, при што за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото на јавна услуга, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните“, соопшти МВР.

Истрагата за случајот е во тек, а од надлежните институции најавуваат дополнителни информации по нејзиното завршување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk