Осум земји-членки на Европската Унија побараа пристапниот процес за земјите-кандидати да стане поконкретен, попредвидлив и заснован на јасно утврдени правила и временска рамка за членство. Во заедничкиот нон-пејпер се нагласува дека напредокот мора да зависи од спроведените реформи, но и дека постојаното менување на условите ја нарушува довербата во процесот на проширување.
Зад документот стојат Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Словачка и Словенија. Осумте држави бараат процесот да остане заснован на заслуги, при што секоја земја-кандидат би напредувала според сопствените резултати и спроведените реформи.
Во нон-пејперот се предупредува дека воведувањето нови политички предуслови и менувањето на правилата во текот на преговорите ја поткопуваат довербата во европската перспектива на земјите-кандидати. Авторите оценуваат дека пристапниот процес мора да биде појасен и попредвидлив, за државите однапред да знаат кои услови треба да ги исполнат и во кој рок можат да очекуваат напредок.
Документот предлага и воведување заштитни клаузули со кои Европската Унија би можела и по евентуалното членство на одредена земја да го следи исполнувањето на обврзувачките меѓународни договори што биле дел од пристапниот процес. Посебен акцент се става на обврските поврзани со добрососедските односи.
Според авторите, ваквите клаузули не би претставувале нови услови за земјите-кандидати, туку механизам со кој би се гарантирало исполнувањето на веќе преземените обврски.
Новиот нон-пејпер доаѓа еден месец по француско-германската иницијатива претставена од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.
Со таа иницијатива беше предложен нов модел на постепена интеграција во Европската Унија. Покрај вклучувањето на земјите-кандидати во одделни европски политики и во заедничкиот пазар пред полноправното членство, беше предложено и пристапувањето да се одвива низ јасно дефинирани етапи и преодни фази.
Како Хрватска стана членка на ЕУ?
Овој документ е најсличен на рецептот за влез на Хрватска во ЕУ, откако територијалниот спор со Словенија околу заливот Пиран решија да го решаваат по влезот на Хрватска во ЕУ.
Точно е дека моделот со кој Хрватска и Словенија го одвоија билатералниот спор од процесот за пристапување кон ЕУ, а кој вклучуваше потпишување на договор за арбитража пред самото членство.
Овој пристап беше користен за да се деблокираат преговорите на Хрватска кон крајот на 2009 година. Двете држави се согласија да ја решат демаркацијата преку меѓународна арбитража откако таа ќе стане земја-членка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата