logo
logo
logo

ДЕТАЛЕН ОПИС И ПОПИС: Без ваква ПРВА ПОМОШ, во Грција ќе платите казна 30 евра, а за појас 350 ЕВРА

Vecer | 25.04.2026

ДЕТАЛЕН ОПИС И ПОПИС: Без ваква ПРВА ПОМОШ, во Грција ќе платите казна 30 евра, а за појас 350 ЕВРА

Не поминаа ниту десет дена од официјалното стартување на системот ЕЕС за дополнителна проверка, кој го воведе Европската Унија на своите граници за граѓаните од трети земји, а македонските граѓани ги дочекаа нови и построги правила за патување во Европската Унија.

Од 18 јуни 2026 година во Грција ќе стапат во сила нови правила за задолжителната опрема во возилата

Сите автомобили ќе мора да поседуваат комплет за прва помош кој соодветствува на новиот технички стандард DIN 13164:2022 или негов еквивалентен ISO стандард, а тоа се однесува и на возилата со кои македонските туристи одат до своите омилени дестинации на годишен одмор.

Македонските туристи што патуваат во Грција ќе добијат казна од 30 евра за поседување несоодветен или нецелосен комплет, па оваа информација е сигнал за возачите да ги проверат своите комплети за прва помош.

Неколку дена по информацијата од Грција, буквално сите снабдувачи, автомото-друштва и продавници за автомобилска галантерија ги „бомбардираа“ социјалните мрежи со реклами за новата кутија со прва помош која соодветствува на техничкиот стандард 13164:2022. Цените на приборот за прва помош се движат од 600 до 1.200 денари.

Новиот стандард наметнува точно утврдени 16 ставки кои мора да бидат дел од приборот за прва помош. Најзначајните измени се вклучувањето термално ќебе и заштитни маски. Целосната листа ги вклучува следниве елементи:

- термално спасувачко ќебе;

- две медицински маски (тип IIR или FFP2);

- ролна медицинска лента и сет фластери;

- стерилни завои (мал, среден и голем формат);

- стерилна газа или специјална облога за изгореници;

- еластични завои со различна широчина;

- триаголна марама;

- ножици за прва помош;

- четири медицински ракавици за еднократна употреба;

- влажни марамчиња за дезинфекција на кожа;

- упатство за прва помош.

Сите материјали во комплетот мора да ја поседуваат ЦЕ-ознаката за квалитет, а потребно е редовно да се проверува рокот на стерилните материјали.

Според прописите DIN 13167 и DIN 13164, задолжително е да имате одобрен комплет за прва помош во велосипеди, мотоцикли и автомобили кога возите во: Австрија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Чешка, Словенија, Шпанија, Унгарија.

Што се однесува до земјите што не спаѓаат во Европската Унија, комплетот мора да се носи во Белорусија, Молдавија, Швајцарија, европскиот дел на Турција и Украина.

Според правилата на ЕУ, добро опремен комплет за прва помош, во согласност со стандардот DIN 13164, гарантира дека возачите се подготвени за медицински итни случаи, а воедно ги исполнуваат регулативите на ЕУ.

Покрај комплетот за прва помош, регулативите на ЕУ честопати бараат дополнителни безбедносни продукти за автомобили. Речиси сите земји во Европа бараат возачите во автомобилот да имаат рефлектирачки елеци (во согласност со EN471), црвен предупредувачки триаголник и противпожарен апарат.

Грција инсталира и паметни камери за сообраќајни казни

Инаку, покрај новите барања за прва помош, Грција воведува и други реформи за зголемување на безбедноста. Ова вклучува ограничување на брзината од 30 км/ч на голем дел од улиците во урбаните средини, како и инсталација на паметни камери за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци.

Во населени места има ограничување на брзината за автомобил од 50 км на час. На автопат ограничувањето за автомобил е 130 км на час. На магистрални патишта ограничувањето е од 90 до 110 км на час.

За мотоцикл, ограничувањата се: 40 км на час во населени места, 90 км на час на автопат и 70 км на час на други патишта.

При возење во Грција е забранета употребата на мобилен телефон, а казната може да достигне до 100 евра.

Дозволено количество на алкохол во крвта е 0,05 %. За нови возачи (дозвола до 2 години), мотоциклисти и возачи на комерцијални возила 0,02 %. (казна од 78 до 1.200 евра).

Носењето сигурносен појас е задолжително, а доколку го немате, се изрекува казна од 350 евра.

Задолжителни се и детските седишта за деца до 3 години со стандардот ECE R44/03 (или понов). Деца од 3 до 11 години, а пониски од 135 cm, треба да седат на задно седиште во соодветно детско седиште. Деца постари од 12 години и повисоки од 135 cm можат да користат ремени за возрасни.

Освен сетот за прва помош, во Грција задолжителни се и ПП апарат за автомобил и триаголник. Рефлектирачкиот елек не е задолжителен, но се препорачува да го имате.

Меѓународна возачка за Грција е задолжителна

Македонските граѓани што ова лето ќе патуваат со сопствено возило во Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија, но и во другите европски земји треба да поседуваат, покрај домашна, и меѓународна возачка дозвола која се издава на шалтерите на речиси сите станици за технички преглед. Таа има рок на важност од три години или помалку, во случај да истекува важноста на возачката дозвола пред овие три годни, а чини околу 900 денари.

Во земјите каде што е потребно да се поседува меѓународна дозвола, на граничните премини речиси и да не ја бараат, но при рутинска проверка на сообраќајната полиција, ако ви ја побараат, а ја немате, може да бидете казнети со 50 до 300 евра.

Засега македонската возачка дозвола важи само во Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Косово, Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија и Обединетото Кралство – Англија, Велс и Шкотска. За патување во сите други земји на ЕУ мора да се има овој меѓународен документ.

Лицата што ќе патуваат во странство со возило што не е во нивна сопственост, неопходно е да имаат одобрение за управување туѓо моторно возило.

Барање за одложување на примената на ЕЕС

Во меѓувреме, македонскиот туристички сектор побара Грција летово привремено да ја одложи примената на новиот европски систем за влез и излез, познат како ЕЕС, на граничните премини за македонските државјани. Барањето доаѓа во пресрет на главната туристичка сезона, кога најголемиот дел од домашните летни аранжмани се врзани токму за грчките плажи, а стравувањата се дека новите биометриски проверки може да создадат повеќечасовни колони на граница.

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија побара од грчкото Министерство за туризам системот да не се применува од 1 јуни до 1 септември 2026 година. Според Комората, воведувањето на ЕЕС токму во шпицот на сезоната може директно да го влоши туристичкото искуство, да придонесе за долги чекања на премините и да влијае врз агенциите преку можни откажувања на веќе резервирани аранжмани.

ЕЕС е новиот дигитален систем на Европската Унија што од 10 април 2026 година целосно се применува на надворешните граници на Шенген-зоната. Наместо класичен печат во пасош, системот електронски ги регистрира влезовите и излезите на државјани од земји надвор од ЕУ, а при првата регистрација се земаат и фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ. Европската комисија наведува дека системот е целосно оперативен и дека се применува во 29 европски земји.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk