Затоа, градските власти се обидуваат со различни методи да ги држат подалеку од населените места, објавува „Roma Today“.
„Имавме многу проблеми“
Овие птици, познати по своите спектакуларни синхронизирани летови, мигрираат во Италија во голем број од северна Европа секоја зима во потрага по потопла клима, а Рим им обезбедува засолниште од предатори ноќе.
Советникот за животна средина на општината, Матео Зоки, за еден италијански портал изјави дека локалната администрација ја презела задачата да го реши проблемот и размислува кон кои зелени површини би можеле да бидат насочени птиците за да можат да ги напуштат населените места во градот.
„Ги има стотици илјади. Имавме многу проблеми бидејќи моравме постојано да ги чистиме улиците“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата сега е помалку сериозна отколку во претходните недели на Пјаца Џони, благодарение на интервенциите на надлежните служби и соработката на граѓаните.
Според него, целта не е да се отстранат птиците, туку да се пренасочат кон други локации за жителите да можат нормално да ги користат јавните простори.
„Не мислам дека можеме да си дадеме право да ги елиминираме“, рече Зоки.
Се собираат во дрвјата
Јата сколовранци кои во последните недели им предизвикуваа големи проблеми на жителите на населбата Прати Фискали во Рим делумно се повлекоа од Пјаца Џони по интервенциите и се раширија по околните улици, вклучително и во областа на улиците Монте Вило и Капраја, како и по должината на Виа деи Прати Фискали.
Сколовранците се собираат во дрвјата рано навечер, создавајќи неподнослива бучава, додека нивниот измет ги покрива тротоарите и автомобилите. Жителите на особено погодените области на градот почнаа да користат чадори за да се заштитат од изметот, а некои избегнуваат да ги паркираат своите автомобили под дрвјата.
Поради обемот на проблемот, градските власти користеа различни методи за растерување на птиците за време на тридневната кампања оваа недела. Жителите и дуќанџиите беа поканети да емитуваат снимки од предупредувањето и вознемирувачките повици на сколовранците од нивните балкони и прозорци, додека и ласерските зраци беа користени за таргетирање на врвовите на дрвјата.
Во кампањата учествуваше и обучен грабливец по име Џеронимо, кого соколарот го носеше на рака под дрвјата каде што се собираа птиците.
Потпретседателот на комитетот „Прати Фискали“, Марко Марин, рече дека сè поголем број граѓани пријавуваат проблеми, а некои почнале да користат пушки за да ги растераат птиците, надевајќи се дека бучавата ќе ги исплаши.
Умерен пад на популацијата на сколовранци
Сепак, експертите предупредуваат дека честата употреба на пиротехнички средства може да има спротивен ефект, бидејќи птиците со текот на времето се навикнуваат на бучавата и не ја доживуваат како реална закана.
Во меѓувреме, на барање на општинскиот оддел за заштита на животната средина, екипи од комуналното претпријатие „Ама“ се ангажирани во чистење на улиците погодени од присуството на птици, со цел да се ублажат хигиенските проблеми и непријатните мириси.
Според Алесандро Монтемаџори, експерт за овој вид птици на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим, сколовранците мигрираат во италијанската престолнина околу 80 години.
Проценките од пред една деценија сугерираа дека во градот имало околу милион птици, но нивниот број сега би можел да се преполови.
Студија од 2021 година на „БрдЛајф Интернешнл“ исто така покажа умерен пад на популацијата на сколовранци во Италија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата