Љубовната врска на Јенсен Хуанг со жена за која се сомнева дека е кинеска шпионка не престанува да ги полни медиумските рубрики откако веста за првпат се појави на 9 ноември.
Бидејќи Хуанг ја предводи „Енвидиа“, технолошки гигант вреден околу 3,66 трилиони евра, случајот иницира прашања за безбедносните закани и корпоративната шпионажа. Поради важноста на компанијата за американската економија, аферата беше наречена „најскапиот секс од времето на Елена од Троја“.
Аферата предизвика неочекуван тренд на Порнхаб
Иако малку се знае за идентитетот на наводната љубовница на Хуанг, методот што таа наводно го користела има посебно име — ханипот
Тоа е еден вид љубовна стапица во која измамник или шпион се преправа дека има романтичен или сексуален интерес за друго лице со цел да добие пари, имот или доверливи информации.
Pornhub објави дека бројот на пребарувања за терминот „honeypot“ на таа платформа се зголемил за дури 9.354 проценти во неделата по избувнувањето на аферата. Целата приказна, се чини, ги разбудила сексуалните фантазии кај многу луѓе, а терапевтите за секс и врски објасниле за „Метро“ зошто ваквите сценарија се толку привлечни.
Зошто шпионските фантазии ни се толку привлечни?
Одговорот, според терапевтката за секс и врски Сара Бери, е доста едноставен ‒ тие се возбудливи. „Кој не би сакал да заврши во кревет со еден од актерите од ’Бавни коњи‘?“, се пошегува Бери, осврнувајќи се на популарната серија за група британски разузнавачки агенти на МИ5.
Шпионите се прикажуваат како привлечни и заводливи во популарната култура со децении, од Џејсон Борн и ликовите од „Ноќниот менаџер“ до неизбежниот Џејмс Бонд. Сепак, Бери истакнува дека дел од привлечноста на ваквите фантазии лежи во препуштањето на контролата на друго лице.
„Кога ја оставаме иницијативата на друго лице и му дозволуваме да нè заведе, не мора сами да кажеме што сакаме“, објасни таа.
„Тоа може да биде особено привлечно за луѓето што чувствуваат срам кога станува збор за сексот или за одредени сексуални дејства. Чувството дека правиме нешто забрането, исто така, може да ја зголеми возбудата“, додаде таа.
За оние што сакаат да испробаат таква фантазија со партнерот, таа предлага играње улоги. „Облечете се елегантно, користете лажно оружје или шпионски реквизити. Можете да флертувате и да разменувате шеги во стилот на Џејмс Бонд, а играта да ја започнете пиејќи мартини во луксузен хотел“, советуваше таа.
„Забавно е да се биде некој друг за кратко време. Тоа ни дава слобода да пробаме нови работи и да најдеме различни начини да се изразиме.“
Во реалниот живот, последиците можат да бидат катастрофални
Иако ваквите сценарија може да изгледаат возбудливо во имагинацијата, во реалниот живот заведувањето со скриени мотиви може да има сериозни и долготрајни последици.
Така, во 2025 година беше откриено дека 25 прикриени полицајци, кои се инфилтрирале во политички групи, имале сексуални односи со жени на кои не им го откриле својот вистински идентитет. Некои од нив рекле дека тоа целосно им го уништило животот. Наводно, четворица полицајци имале и деца со жени што ги запознале користејќи лажни идентитети.
Психосексуалната терапевтка Реа Шахруди предупредува дека во такви ситуации се поставува прашањето за согласност.
„Можете да се согласите на сексуален однос, но ако другата личност ве лаже за своите намери и ве користи за да ги постигне своите цели, не можеме да зборуваме за целосно информирана согласност за тој однос или средба“, објасни таа.
„Може да изгледа дека постои согласност, но таа не е вистинска бидејќи се темели на лажни информации за тоа кој е другата личност и што навистина сака од вас“, додаде таа.
Зошто се возбудуваме од она што во реалноста би нè вознемирило?
Па, зошто некои луѓе фантазираат за ситуации што би можеле да имаат катастрофални последици за нив во реалниот живот?
Психосексуалната терапевтка Џоди Сли објасни дека луѓето понекогаш наоѓаат возбуда токму во работите што инаку би им предизвикале вознемиреност или непријатност.
„Од истата причина, некои луѓе ги сакаат хорор-филмовите, возењето на ролеркостер или скокањето со падобран. Нашиот нервен систем како одбранбен механизам може да го претвори стравот во возбуда, а кај некои луѓе истото се случува и кога станува збор за сексуалните фантазии“, рече таа.
Таа додаде дека она што е ново, непознато или забрането може уште повеќе да нè возбуди. „Мозокот природно обрнува повеќе внимание на она што е различно или забрането. Ова го поттикнува зголемувањето на нивото на допамин, што може да ги зголеми сексуалната желба и возбудата“, објасни таа.
Зошто луѓето паѓаат во љубовни стапици?
„Чувството дека некој нè сака е едно од најсилните чувства што можеме да ги доживееме. Нè прави да се чувствуваме живи и сите копнееме по тоа чувство“, објасни Шахруди.
„Ако некој успее да го разбуди тоа чувство во нас, добива многу моќно средство за влијание. Токму затоа сексуалниот интерес може да се користи толку ефикасно кога зад него стојат скриени намери“, додаде таа.
Мистериозните личности можат да бидат особено привлечни за самците, но и за луѓето што се незадоволни од својата љубовна врска. „Во долгорочните врски, секојдневниот живот често преовладува, а дозата на мистерија што некогаш ја поттикнуваше страста исчезнува со текот на времето“, објасни Шахруди, основач на „Интима терапија“.
Од друга страна, нешто ново и непознато може повторно да ја разбуди сексуалната желба. „Мистериозната личност нуди токму тоа. Системот за наградување во мозокот реагира на новина и неизвесност, а чувството на исчекување понекогаш може да биде посилно од самата награда“, истакна таа.
„Мистериозноста е природен дел од човечката привлечност, но кога некој намерно ја создава за да постигне скриени цели, таа станува алатка за манипулација“, заклучи таа.
Хуанг се врати на челото на „Енвидиа“
„Енвидиа“ го врати Јенсен Хуанг на позицијата извршен директор на 23 ноември, помалку од две недели откако коосновачот на компанијата поднесе оставка поради наводна афера со жена за која американските разузнавачки агенции се сомневаат дека шпионирала за Кина.
Управниот одбор едногласно гласаше за неговото враќање на челото на компанијата. Одлуката е донесена по серија состаноци за време на кои членовите на одборот, како што е наведено во соопштението за медиумите, биле убедени во неговата „чесност и способност да ја води компанијата“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата