logo
logo
logo

Холандија врати украдено уметничко дело старо 3.500 години во Египет

Vecer | 06.02.2026

Холандија врати украдено уметничко дело старо 3.500 години во Египет

Истрагата на холандската полиција и Инспекторатот за културно наследство минатата година потврдија дека скулптурата била украдена и нелегално отстранета од Египет, најверојатно за време на немирите во Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност. Стручњаците веруваат дека артефактот - камена глава, што првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. На него е прикажан ликот на висок големец од владението на фараонот Тутмос III (1479 - 1425 г. пр. н.е.).

- Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го враќаме на вистинската културна заедница или земја на потекло - рече холандскиот министер за култура Гуке Моес додека му го предаваше артефактот на египетскиот амбасадор.

Камената глава е запленета во 2022 година на саем за уметност во холандскиот град Мастрихт. Трговската компанија за древни уметнички дела „Сикомор ејншн арт“, која го стекнала делото, имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предаде по истрагата.

Египетскиот амбасадор Емад Хана рече дека неговата земја ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.

- Тоа ни значи многу во однос на туризмот и економијата бидејќи, на крајот на краиштата, кога туристите доаѓаат во Египет да ги видат овие предмети, тоа, дефинитивно, прави разлика - изјави Хана.

Плановите на египетските власти за изложување на скулптурата се сè уште непознати.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk