Пребарувањето на интернет за тоа која била Мата Хари обично започнува со информацијата дека таа е позната егзотична танчерка и „принцеза на Истокот“. Иако успеала да ја воодушеви целата јавност и да ја убеди во оваа приказна, вистинскиот живот на оваа жена бил многу поедноставен, но и многу помрачен.
Нејзиното познато уметничко име во превод од индонезиски јазик значи „сонце“, додека зад ликот на неустрашливата заводничка всушност се криела обична девојка од Холандија ‒ Маргарета Гертруида Зеле.
Родена во 1876 година, таа го поминала патот од позирање за сликари и настапи во циркуски шатор до Париз, каде преку ноќ израснала во најбараната танчерка и најпосакуваната куртизана од тоа време. Публиката со одушевување ги следела нејзините смели и провокативни сценски чекори, додека таа им пласирала приказна за нејзиното израснување во индиски храмови и совладувањето на светите танци. Секако, сè било обична измислица, но ѝ обезбедило слава, богатство и влез во највисоките општествени кругови.
Иако ги немала класичните црти на лицето, нејзината привлечност била неоспорна. Ги замајала влијателните политичари и високите воени претставници од Франција, Германија и Русија, а потоа избувнала Првата светска војна.
Воени сплетки и обвинувања за шпионажа
Како државјанка на неутралната Холандија, таа имала слобода на движење низ Европа, што предизвикало сомнеж кај разузнавачките служби. Кога еден британски агент ја прашал со што се занимава додека патува низ земјите зафатени со војна, Мата Хари без двоумење му одговорила: „Работам како шпион за француската армија.“
Подоцна се правдала дека станува збор за обична шега, но ситуацијата веќе излегувала од контрола. На почетокот на 1917 година, француските служби пресретнале германска радиопорака за таен агент под ознаката „H-21“. Процениле дека станува збор токму за неа. Одделни историски записи сугерираат дека Германците свесно ѝ ја наместиле таа шифра знаејќи дека Французите ја следат, за засекогаш да се ослободат од неа.
Смртна казна и исчезнување на посмртните останки
Во период кога Франција претрпувала огромни загуби на фронтот и барала виновник за воените неуспеси, Мата Хари била лишена од слобода во својот париски хотел. Била осудена на смрт под обвинение дека со оддавање тајни испратила во смрт десетици илјади војници. Иако докази имало исклучително малку, пресудата била извршена на 15 октомври 1917 година, кога имала 41 година.
Бидејќи никој од роднините не ги презел нејзините посмртни останки, телото било отстапено за медицински истражувања. Нејзината балсамирана глава со децении се наоѓала во збирката на парискиот Музеј на анатомија, сè додека во 2000 година не било утврдено дека исчезнала.
Се смета дека главата била украдена или изгубена значително порано, најверојатно за време на преселувањето на музејот во 1954 година, но тој недостаток официјално бил забележан дури во 2000 година.
Мистеријата на последните моменти
За нејзините последни секунди од животот и денес кружат разни приказни. Според една верзија, непосредно пред пукањето само тивко му рекла на војникот: „Merci, monsieur.“ („Ви благодарам, господине.“)
Друга легенда вели дека пред самиот стрелачки вод ја раширила наметката и го открила голото тело. Трето тврдење наведува дека останала потполно смирена и одбила да ѝ стават превез преку очите, верувајќи дека нејзиниот некогашен љубовник ги поткупил стрелците да пукаат со празни ќор-фишеци. Вистинската вистина за нејзиното заминување останува засекогаш скриена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата