Светската метеоролошка организација (СМО) упати сериозно предупредување дека климатскиот феномен Ел Нињо е веќе развиен и дека во периодот меѓу јули и септември брзо ќе прерасне во моќен климатски настан. Ова драматично ја зголемува веројатноста за појава на екстремни временски непогоди во повеќе делови од планетата.
Според месечниот извештај на СМО за сезонската клима, температурите на површината на морето во екваторијалниот дел на Пацификот веќе покажуваат јасно отстапување од просекот. Моделите на водечките климатски центри укажуваат на понатамошно брзо загревање на океаните, а високиот степен на поклопување на прогнозите ја зголемува сигурноста на овие проекции.

Ел Нињо е природен климатски феномен кој настанува со загревање на централниот и источниот дел на екваторијалниот Пацифик. Тој директно влијае врз промените во глобалните обрасци на вјетровите, притисокот и врнежите. Се јавува во просек на секои две до седум години и обично трае од 9 до 12 месеци.
СМО ги класифицира овие настани во четири категории: слаби, умерени, јаки и многу јаки. Актуелната прогноза покажува дека овој пат Ел Нињо ќе се развие во категоријата јака појава, што е трето од четирите нивоа на опасност.

Генералната секретарка на СМО, Селесте Сауло, предупреди дека условите се веќе присутни и дека брзото засилување го зголемува ризикот од суши, поројни врнежи и топлотни бранови на копното, но и од екстремни топлотни бранови во самите мориња.
Ефектите постепено ќе се шират во повеќе региони во текот на есента на северната хемисфера, додека врвот на феноменот се очекува меѓу ноември и февруари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата