Најбогатиот човек во светот, Илон Маск, објави дека секое дете во Соединетите Држави ќе добие по две акции од неговата компанија „SpaceX“ – која се фокусира на вселенска технологија и вештачка интелигенција – во рамките на донација проценета на приближно 18 милијарди долари.
Маск и конкурентската компанија за вештачка интелигенција „Anthropic“ неодамна претставија посебни планови за распределба на дел од придобивките што произлегуваат од брзиот развој на вештачката интелигенција, во време кога расте интересот за оваа индустрија, како кај јавноста, така и кај креаторите на политики.
-Две акции за секое дете Децата ќе добијат една акција од компанијата и уште една од самиот Маск, објави тој на социјалната мрежа X.
Во посебна објава, тој наведе дека акциите донирани од „SpaceX“ ќе им бидат префрлени на примателите следниот месец, додека неговите лични акции ќе бидат префрлени во јуни следната година, откако ќе истече задолжителниот период на задржување, во текот на кој тие не смеат да се продаваат.
Претходно во средата, SpaceX објави дека ќе додели по една новоиздадена обична акција од класа А на секоја моментално активна сметка во рамките на програмата позната како „Трамп сметки“ (Trump Accounts), додавајќи дека Маск лично ќе донира еднаков број акции. Програмата е осмислена за да им овозможи на Американците помлади од 18 години да учествуваат на берзата и да почнат да создаваат капитал уште од рана возраст. Во октомври, Белата куќа соопшти дека се отворени речиси 70 милиони вакви сметки. На крајот од тргувањето во средата, цената на една акција на SpaceX изнесуваше 127,44 долари, со што вкупната вредност на најавената донација достигна речиси 18 милијарди долари.
Богатството на Маск и порака до јавноста Маск, чие богатство се проценува на приближно 824 милијарди долари, минатиот месец најави дека ќе подари по една акција од SpaceX на секое дете во Соединетите Држави. „Подарувањето акции – кои претставуваат удел во економијата на иднината – директно на луѓето, е вистинскиот пат напред“, изјави тогаш Маск.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата