Европската комисија започнува нова иницијатива за подигнување на свеста кај граѓаните за реакција во вонредни ситуации, препорачувајќи секое домаќинство да биде подготвено да преживее самостојно во првите три дена (72 часа) од почетокот на некоја криза, додека надлежните служби да организираат помош.
Новите насоки беа претставени на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел од страна на комесарката Hadja Lahbib. Таа најави и воведување на „Европски ден на подготвеност“, кој за првпат ќе се одбележи на 23 октомври 2027 година.
– Првите часови по катастрофата можат да бидат пресудни. Секој Европјанин треба да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите. Подготвеноста започнува во нашите домови, училишта и заедници – порача Lahbib.
Новите препораки на Комисијата се фокусираат на четири основни области:
- Самостојност на граѓаните: Обезбедување основни залихи и подготовка на ранец за итни случаи за првите 72 часа.
- Едукација: Вклучување на теми за превенција и подготвеност во градинките и основните училишта.
- Грижа за лицата со попреченост: Задолжително земање предвид на нивните специфични потреби при евакуација и узбунување.
- Транспарентна комуникација: Навремено и доверливо информирање на јавноста за потенцијалните ризици.
Иако насоките не се правно обврзувачки, нивната цел е да изградат култура на превенција. Иницијативата доаѓа во време кога Европа се соочува со се почести климатски катастрофи, но и со закани од сајбер-напади, прекини во инфраструктурата и потенцијални воени конфликти.
– Не сме во војна, но не сме ни во мир. Живееме во опасна сива зона која за миг може да стане црвена – предупреди комесарката, истакнувајќи дека руската инвазија врз Украина беше една од главните пресвртници за реформирање на европскиот систем за цивилна заштита.
Иницијативата е дел од пошироката Стратегија на ЕУ за подготвеност, според која одговорноста за безбедноста не е само на државните институции, туку и на бизнисите, граѓанскиот сектор и на самите граѓани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата