logo
logo
logo

ДЕНОТ КОГА ИСЧЕЗНА ХИРОШИМА - Зошто Труман ја фрли „Little Boy“ кога Јапонија веќе беше на колена?

Vecer | 06.08.2026

ДЕНОТ КОГА ИСЧЕЗНА ХИРОШИМА - Зошто Труман ја фрли „Little Boy“ кога Јапонија веќе беше на колена?

Откако Јапонците ги загубија своите носачи на авиони во Битката кај Мидвеј во 1942 година, војната на Пацификот се претвори во американско освојување остров по остров. До летото 1945 година, Јапонија владееше само уште со своите матични острови. Американските бомбардери веќе со месеци рафално ги напаѓаа јапонските градови, но ништо не можеше да се спореди со бомбата што падна врз градот Хирошима на 6 август 1945 година. Тој ден светот за првпат се соочи со ужасот на нуклеарната војна.

Наредбата ја издаде американскиот претседател Хари С. Труман, веднаш откако ја доби веста дека првата нуклеарна бомба е успешно тестирана во Тринити. САД ја развиваа нуклеарната технологија од 1942 година, а многумина од воениот врв едвај чекаа да видат што сѐ може да постигне ова разорно оружје.

Бомбата првично била наменета за Хитлерова Германија, но војната во Европа заврши пред таа да биде тестирана. Сега на мета остана само Јапонија. Јапонската војска се бореше крваво за секој остров, за секоја база и за секој метар. Сепак, до летото 1945 година беше повеќе од јасно дека го губат воениот поход.

По наредба на Труман, американскиот бомбардер Б-29, познат под името „Енола Геј“, на 6 август исфрли нуклеарна бомба од височина од 9.400 метри, која содржеше 60 килограми уран. Нејзиното кодно име беше „Малото момче“ (Little Boy).

Демонстрација на сила и најава за Студената војна

Бомбата беше фрлена како директна демонстрација на сила и предупредување до Советскиот Сојуз, со кого САД веќе влегуваа во нов глобален судир. Како официјално оправдување беше искористена крвавата Битка за Окинава, за време на која загинаа над 100.000 јапонски војници, околу 150.000 цивили и 12.000 американски војници. Сè до 1949 година, САД беа единствената нуклеарна сила во светот, а откако Советите успешно ја тестираа својата бомба, Студената војна доби сосем поинаков, застрашувачки карактер.

Град во кој немаше кој да им помогне на жртвите

Во првите неколку секунди по експлозијата загинаа меѓу 70.000 и 80.000 луѓе, а во месеците што следуваа, бројот на починати како последица од радијацијата се искачи на морбидни 140.000. Оние што имаа среќа да преживеат, побегнаа во околината на уништениот град.

Хуманитарната и медицинската помош беа речиси невозможни. Поголемиот дел од градовите во тоа време постојано трпеа бомбардирања, па беа потребни неколку дена за јапонските власти уопште да сфатат дека во Хирошима детонирала сосема нов тип на разорна бомба. Мнозинството од медицинскиот кадар веќе беше ангажирано околу ранетите војници и цивили на другите фронтови. Освен неколку волонтери и едвај два-три медицински тима, немаше речиси никој што можеше да им помогне на преживеаните.

Една болница на периферијата од градот била преплавена од над десет илјади луѓе, иако нејзиниот максимален капацитет изнесувал едвај 600 кревети.

Бизарната судбина на еден преживеан

Најпознатиот преживеан жител на Хирошима беше Цутому Јамагучи, кој претрпел тешки изгореници и едвај спасил жива глава. Од јачината на блесокот и детонацијата, тој привремено ги загубил видот и слухот. Кога прашината конечно се слегнала, отишол да ги пронајде своите колеги за да им помогне.

Веќе следниот ден, одлучиле да избегаат од пеколот на војната и да се вратат во својот роден град. Не знаејќи што ги чека, купиле еднонасочен билет за – Нагасаки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk