Околу 5.000 ученици на возраст од 14 до 16 години од 22 земји ширум светот, вклучувајќи ја и Србија, влегоа во жестока трка за уникатна награда – патување на Арктикот. Во ова меѓународно натпреварување, младите умови од Бразил и Кина, па сè до Јужноафриканската Република, ги одмерија своите сили, додека рекорден број пријави оваа година пристигнаа од Казахстан, Киргистан и Белорусија.
Селекцијата на кандидатите започна уште во мај, преку тестирање на нивните знаења од природните науки, нуклеарните технологии и историјата на освојувањето на Арктикот. Во големото финале, учениците имаа задача да претстават креативни проекти на тема како нуклеарните технологии денес го менуваат светот.
Меѓу талентираните патници кои ќе заминат на Северениот пол е и Виктор Ф. од Србија, кој не го криеше своето воодушевување:
„За мене ова е огромна среќа и важен чекор напред. Горд сум што ќе ја претставувам Србија на ваков голем меѓународен настан. Мислам дека токму ваквите моменти ми помагаат да сфатам со што навистина сакам да се бавам во животот.“

За некои од учениците ова патување ќе биде буквално историско, бидејќи тие ќе станат првите граѓани од нивните матични држави кои некогаш стапнале на Северениот пол.
„Оваа експедиција е единствена можност не само младите да го видат Арктикот и да го сфатат неговото глобално значење, туку и лично да се уверат во тоа колку важна улога играат нуклеарните технологии во развојот на овие региони“, изјави Дмитриј Кузмицки, член на меѓународното жири и офицер на нуклеарниот мразкршач „Тајмир“.
За време на пловидбата, на палубата на моќниот брод учениците ги очекува богата едукативна програма, предавања од врвни експерти од нуклеарната индустрија, интерактивни работилници и учество во вистински научни експерименти.
Инаку, Русија е единствената земја во светот која поседува флота од нуклеарни мразкршачи, со која оперира претпријатието „Атомфлот“ во составот на „Росатом“. Списокот на сите овогодишни победници е достапен на официјалниот сајт на проектот goarctic.energy.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата