На денешен ден, 31 август, Македонија со болно сеќавање се потсетува на една од најголемите музички трагедии во својата историја, прераната смрт на музичката ѕвезда и модна икона Сашка Петковска, која трагично го загуби животот на само 32 години.
Крвавата сообраќајна несреќа се случи на 31 август 1983 година кај селото Градобил, на патот Куманово – Свети Николе, кога во страшен судир загинаа девет лица, а меѓу нив и Сашка, која беше во самиот пик на својата кариера.
Сашка Петковска, родена во Битола, 1951 година, остави богато и неизбришливо музичко наследство. Со својот милозвучен глас, уште во 70-те години се издигна како голема југословенска ѕвезда. Уште како млада успеа да го освои третото место на фестивалот „Кантаџиро“ во рамките на познатиот „Сан Ремо“ во Италија, по што следеа настапи со легендите како Здравко Чолиќ, Кичо Слабинац и Нови Фосили, како и членство во популарната група „Македонија“.
Нејзиниот ангелски глас остана овековечен во безвременските хитови „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Што ли да ти кажам“, „Запри срце“ и „Чао, адио“. Петковска беше во брак со познатиот естраден менаџер Марио Липша, а нејзиниот прерано згаснат живот и денес предизвикува морници и длабока тага кај македонската јавност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата