Гастрономските ентузијасти од порталот Serious Eats тестираа пилешко, свинско и говедско месо за да го пронајдат одговорот на прашањето – колку долго месото треба да остане во маринадата за да биде сочно и полно со вкус?
Маринадите даваат богат вкус и арома, ги омекнуваат продуктите и им даваат сочност. Но, колку долго навистина ни треба да маринираме месо, риба или зеленчук за да добиеме совршени резултати? За да одговорат на тоа прашање, тимот од Serious Eats тестираше три вида месо: пилешко, свинско и говедско месо.
За маринадата, тие измешаа соја сос, вода, шеќер, сечкан лук и растително масло (во сооднос од 4:3:2:1:0,5 по тежина) и го маринираа месото 30 минути, 1 час, 4 часа, 8 часа и 24 часа, за да го откријат идеалното време за маринирање.
Пилешки гради:
Месото што беше во маринадата повеќе од четири часа беше значително посолено од останатите.
Пилешкото треба да стои во маринадата најмалку еден час за да може убаво да се карамелизира за време на печењето.
По 24 часа маринирање, пилешкото стана еластично и гумено.
На дегустаторите им се допадна пилешкото кое беше маринирано помеѓу еден и осум часа најмногу.
Пилешкото кое беше маринирано само 30 минути беше најмалку сочно и помалку зачинето.
Свинско филе:
За разлика од пилешкото, свинското месо, кое беше маринирано 24 часа, остана сочно и добро зачинето, без гумена текстура.
Примероците маринирани 30 минути и 1 час беа релативно слабо зачинети и помалку сочни во споредба со парчињата маринирани подолго.
Заклучокот на Serious Eats е дека свинското филе издржува долгорочно маринирање многу подобро од пилешките гради.
Говедски стек:
Највкусното месо беше она што беше маринирано најмалку четири часа, а дегустаторите го пофалија она што беше маринирано најмногу осум часа.
Стекот што бил во маринадата 24 часа не бил ниту гумен, ниту сув.
Заклучок:
Подолгото маринирање придонесува за подобра апсорпција на зачините и ја зголемува сочноста на месото, но не треба да претерувате – особено кога станува збор за пилешки гради, бидејќи тие можат да станат тврди и гумени. Говедското и свинското месо, од друга страна, можат да издржат подолго време на маринирање без да изгубат квалитет. Исто така, имајте предвид дека оптималното време на маринирање е под влијание на количината на киселина (оцет, вино, сок од лимон) или ензим (како што е сок од ананас) што се користи во маринадата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата