Сезоната на цветање на бозелот е веќе почната, па затоа е вистинско време за подготовка на сок од ова ароматично и здраво растение. Луѓето знаат за неговите корисни својства уште од дамнина – ги ублажува воспаленијата, особено на респираторните органи, го стимулира потењето и го чисти телото од насобраните токсини.
Ако деновиве сте во природа, каде што има бозел, искористете ја можноста и наберете ги неговите цветови за сируп.
Потребно е:
40 цветови бозел
4 литри вода
4 лимони
2,5 кг шеќер
3 лимонтуси
Подготовка:
Нежно измијте ги цветовите за да ја отстраните прашината и некои инсекти. Во голем сад прелијте ги со ладна вода и додадете исечкан лимон. Покријте со крпа и оставете да отстои 24 часа.
Потоа, процедете ја смесата, додадете го шеќерот и лимонтусот, а потоа мешајте додека не се раствори целосно. Готовиот сок исоберете го во шишиња и чувајте го на ладно и темно место.
Здравствените придобивки од бозелот
Цветовите, освен за подготовка на сок, се сушат на сонце и се чуваат во херметички затворени садови за подготовка на чај.
Цветовите од бозел се богати со есенцијално масло, кое содржи многу фитонутриенти корисни за нашето здравје: гликозиди, флавоноиди, танини, пектини, хлорогенова киселина и многу други. Покрај тоа, тие се богати со минерали како железо, калиум и натриум.
Чајот или сокот од цветовите на бозелот е корисен во случаи на синузитис, во случај на треска, а особено при намалување на високата температура преку стимулирање на работата на потните жлезди. Бозелот има антивирусни својства, особено во комбинација со други билки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата