Шефовите на големите европски фармацевтски компании ја повикаа Европската унија да ги зголеми цените на лековите на ниво поблиску до она што го плаќа американскиот пазар. Тие тврдат дека ова ќе доведе до повисоки приходи и ќе ги поттикне иновациите во индустријата.
Комбинацијата на регулаторни ограничени цени на лекови, високи трошоци за производство, фрагментација на пазарот и зголемен притисок од глобалната конкуренција ја намалуваат атрактивноста на Европа како дестинација за инвестиции во фармацевтскиот сектор.
Еден од клучните проблеми лежи во системот на цените на лековите во рамките на Европската унија. За разлика од Соединетите Американски Држави, каде фармацевтските компании наплаќаат многукратно повисоки цени за исти производи, во ЕУ цените се строго регулирани и често се предмет на долги преговори со националните здравствени системи.
Високите трошоци за производство, особено во западноевропските земји, заедно со строгите еколошки регулативи и безбедносните стандарди, значително ги зголемуваат трошоците за производство во споредба со Кина или САД.
Процесот на одобрување на нови лекови во ЕУ е исто така побавен и бирократски побарачки, што го забавува пласирањето на иновациите на пазарот.
Европскиот фармацевтски пазар дополнително е оптоварен со неговата фрагментација, бидејќи секоја земја-членка има свои ценовни политики, процедури за одобрување лекови и правила за надоместување, велат европските фармацевтски компании.
Сите овие причини се наведени во отвореното писмо до Фајненшл Тајмс, потпишано од извршниот директор на Новартис, Вас Нарасимхан и Пол Хадсон, шеф на Санофи.
Тие рекоа дека Европската комисија треба да постави целно ниво на инвестиции во лекови и вакцини што „праведно ќе ги награди иновациите“.
Инаку, Novartis оствари силен финансиски резултат во 2024 година, со нето приход од 11,9 милијарди долари, што претставува раст од 39% во однос на претходната година.
Основната оперативна добивка на швајцарската компанија се зголеми за 19%, достигнувајќи 19,5 милијарди американски долари, додека основната добивка по акција (EPS) изнесуваше 7,81 УСД, што претставува зголемување од 21%.
Овој раст беше поттикнат од силната продажба на клучните лекови како што се Entresto, Cosentyx, Kisqali и Kesimpta.
Конкретно се издвојува Entresto, со продажба од 7,8 милијарди американски долари, што претставува раст од 30% во однос на претходната година.
Францускиот Санофи, исто така, забележа значителен раст во 2024 година, со вкупни приходи од 41,1 милијарди евра, што претставува зголемување од 11,3% во споредба со претходната година.
Нето добивката изнесува 5,6 милијарди евра, а оперативната добивка по акција (EPS) е зголемена за 4,1%, достигнувајќи 7,12 евра.
Главни двигатели на растот беа лекот Dupixent, со продажба од 13 милијарди евра и вакцината Beyfortus, која оствари приход од 1,7 милијарди евра во првата година од продажбата.
Геополитички тензии
Според проценките на американските власти, САД плаќаат речиси три пати повеќе за брендирани и генерички лекови во споредба со другите развиени земји.
Во овој контекст, фармацевтските лидери предлагаат Комисијата да воспостави референтна цена за земјите-членки на ЕУ „во опсегот на американските нето цени“, со можност за прилагодување преку попусти за одделни земји.
Нарасимхан и Хадсон тврдат дека премногу ниските цени во Европа „вештачки го ограничуваат растот на биотехнолошкиот пазар“ и претставуваат „јасен дестимулатор за иноваторите“.
Тие предупредуваат дека дури 30 проценти од лековите одобрени во САД сè уште не се достапни во Европа две години подоцна.
Европските фармацевтски компании истакнуваат дека големите мултинационални компании во меѓувреме најавија значителни инвестиции во САД, особено по враќањето на Доналд Трамп на власт.
САД обезбедуваат побрз поврат на вложениот капитал преку високите цени и агресивните стимулации за истражување и развој, додека Кина инвестира значителни средства во развојот на биотехнолошкиот сектор и привлекува мултинационални компании со даночни олеснувања и пониски трошоци за производство.
Затоа, според претставниците на индустријата, Европа се повеќе ја губи битката за глобални инвестиции во овој клучен сектор.
Геополитичките тензии дополнително ја влошуваат ситуацијата.
Иако фармацевтските компании се изземени од увозните царини на Трамп, европските лидери во писмото наведуваат дека „во услови на сè послаба конкурентност на европската биофармацевтска индустрија, неизвесноста за можните царини дополнително ги намалува стимулациите за инвестирање во ЕУ“.
Тие додаваат дека нивната конкуренција ја претставува и Кина, која ја проширила својата фармацевтска индустрија со привлекување мултинационални компании и создавање на силен биотехнолошки сектор.
Аргументи против покачувањето на цените
Противниците на поскапувањето на лековите во Европската унија предупредуваат дека поскапувањето на лековите би имало сериозни последици за достапноста на терапии, одржливоста на системите за јавно здравје и социјалната правда.
Клучниот аргумент во таа дебата е правото на граѓаните на еднаков пристап до лековите, без разлика на нивната финансиска состојба.
Организациите кои се занимаваат со заштита на јавното здравје, како што е Европската мрежа за пристап до лекови (Европска алијанса за јавно здравје), истакнуваат дека зголемувањето на цените директно ќе ја загрози достапноста на клучните терапии за оние пациенти кои тешко можат да си ги дозволат.
Истовремено предупредуваат дека поскапувањето на лековите дополнително ќе ги оптовари и онака преоптоварените здравствени системи, особено во услови на стареење на населението и се поголеми потреби за здравствена заштита.
Економистите како што е професорката Маријана Мазукато од Универзитетскиот колеџ во Лондон предупредуваат дека високите цени на лековите сами по себе не се гаранција за поголеми инвестиции во иновациите.
Мазукато истакнува дека голем дел од истражувачката работа во фармацевтскиот сектор е финансирана од јавни институции, додека приватните компании често остваруваат рекордни профити без соодветен поврат на нивната инвестиција во општеството.
Ваквата позиција го зајакнува аргументот дека зголемувањето на цените без транспарентност во однос на развојните и инвестициските трошоци не би било оправдано.
Во оваа дискусија важно место зазема и етичкиот аспект. Според организациите како Лекари без граници, фармацевтската индустрија има морална обврска да го стави здравјето на луѓето пред максимизирање на профитот за своите акционери.
„Зголемувањето на цените до американско ниво во Европа би било знак за целосна дерегулација во корист на профитот и на штета на пациентите“, велат од организацијата.
Покрај етичките и финансиските причини, експертите предупредуваат и на практични последици што може да ги предизвика поскапувањето, меѓу кои е можното доцнење на пристигнувањето на нови лекови на пазарот.
Доколку здравствените системи не се подготвени да прифатат високи цени, постои опасност новите лекови да не им бидат навремено достапни на пациентите, што дополнително ќе ја наруши довербата во системот и ќе влијае на оние на кои терапијата им е најпотребна.
Европската комисија вели дека разговорите со фармацевтската индустрија се „во тек“, а претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен веќе се сретна со водечките индустриски менаџери за да разговараат за можните тарифи и европскиот одговор.
(Vecer.mk VIA)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата