Цените за сместување за ова лето се повисоки од лани како на домашен терен, така и во Грција, а особено во Турција. За Македонците кои немаат пасоши, а сакаат на море, алтернативна можност се Црна Гора и Албанија во кои може да се патува и со стари лични документи
Според последните информации од Министерството за внатрешни работи, заклучно со 17 април 2024, за пасоши со новото име на државата се фотографирани 1.524.118 граѓани. Заклучно со истиот датум, фотографирани се и 1.267.888 граѓани за нови лични карти, велат од МВР за Радио Слободна Европа (РСЕ), но нема информација за бројката на вкупно издадени документи.
Новите лични документи се обврска од Преспанскиот договор потпишан со Грција и по 12 февруари без нив не може да се патува во странство, со исклучок на некои држави од регионот кои дозволија влез со важечка лична карта. Меѓу нив се и Албанија и Црна Гора, чие море и туристичката понуда се привлечни и за македонските туристи.
Одморот луксуз - цените повисоки од лани
Според соговорниците на РСМ, а кои издаваат сместување, цените во Охрид за просечно опремен апартман за четиричлено семејство се движат од 40 до 60 евра и повеќе, за ноќевање во јули и во август. Ноќевање во истите апартмани за велигденските празници е околу 30 евра. Во Дојран, ноќевање за Велигден во апартман се нуди за околу 1.800-2.000 денари. Тука уште можат да се најдат слободни места за празниците. На Преспа, според соговорниците од туристичките агенции, ѝ се потребни еден-два поголеми туристички капацитети и поголема промоција како туристичко место што вреди да се посети. Интересот за таму е послаб.
Цените на сместување за годинешниов летен одмор се повисоки од лани како дома, така и во Грција, а особено во Турција, велат од туристичките агенции и откриваат дека е така затоа што има константен раст на цените.
На пример, во Грција во цените на храната во малопродажбата и нема некоја разлика, но поскапени се патарините, а соседите најавија и нови давачки за туристите. За околу 20 отсто зголемување има и на цените на апартманите.
Алтернативна можност за одмор на море, според агенциите, за домашните туристи се Црна Гора и Албанија, каде може да се патува и со стари лични документи.
Според Агенцијата за туризам на ОН, во 2023 година, Албанија беше на четврто место во светот во однос на највисок процентен пораст на меѓународните туристички пристигнувања, забележувајќи раст од 56 % во споредба со 2019 година. Албанија во 2023 година пречека над 10 милиони туристи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата