Серџо Ермоти, извршен директор на швајцарската мултинационална инвестициска банка УБС, е најплатениот банкар во Европа за минатата година со заработка од 14,9 милиони швајцарски франци или околу 15,6 милиони евра.
Неговата плата е значително поголема од просечниот приход на челниците на десетте најголеми банки во Европа, кој изнесува 7,6 милиони евра.
Според пресметките на Блумберг, Андреа Орсел, извршен директор на италијанската банка Уникредит е на второ место со заработка од 13,2 милиони евра.
Тој може да се пофали и со годишно зголемување на платата од 32 отсто, што е најголем скок на приходите кај оваа категорија банкари.
Трет на листата на Блумберг е извршниот директор на Дојче банк Кристијан Сивинг со заработка од 9,8 милиони евра во 2024. Минатата година многу банки во Европа остварија неверојатни профити благодарение на зголемените каматни стапки, што им овозможи да ги зголемат провизиите.
Цените на акциите на европските банки пораснаа, а нивниот раст дополнително се забрза во првиот квартал од оваа година, пренесува порталот swissinfo.ch.
Извршниот директор на Банко Сантандер Хектор Гриси го зазеде четвртото место со заработка од 8,6 милиони евра, пред лидерот на шпанската ББВА Онур Генч и првиот човек на Интеса Санпаоло Карло Месина, кои заработија по 7,3 милиони евра.
Седмото место го зазеде извршниот директор на француската Сосиете Женерал, Славомир Крупа со заработка од пет милиони евра, а на осмото место е Жан Лоран Бонафе од банката БНП Парибас со 4,2 милиони евра.
Во првите десет се и извршниот директор на холандската ИНГ Стивен ван Ријсвијк со 2,7 милиони евра, како и Филип Брасак од француската банка Кредит Агрикол со 2,6 милиони евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата