logo
logo
logo

Јовановски во 7 ТОЧКИ: Што е НАЈВАЖНО кај новите давачки воведени од администрацијата на претседателот Трамп?

Vecer | 04.04.2025

Јовановски во 7 ТОЧКИ: Што е НАЈВАЖНО кај новите давачки воведени од администрацијата на претседателот Трамп?

Администрацијата на претседателот на САД Трамп воведе нови давачки за сите производи што од други земји влегуваат на американскиот пазар. За увозот од било која земја ќе има давачка од најмалку 10%, а за некои земји давачката ќе биде поголема. Конкретно, за нашава земја ќе биде 33%.

Воведувањето на овие давачки е комплексна тема, мозаик со бројни делчиња. Во продолжение е моето мислење за темата.

Прво, неколку збора за еден од полесните сегменти - политичките аспекти.

Тезата што ја слушаме од повеќе пунктови, во различна форма, е дека биле залудни посетите на македонското владино раководство на САД затоа што, ете, и извозот од земјава кон САД е сега оптоварен со високи давачки.

Ова е евтино политиканство во услови на многу сериозни економски случувања.

За илустрација, имаат ли САД во моментов земја што им е поголем пријател од Израел? Веројатно немаат!

Еден ден пред да бидат воведени новите давачки од страна на САД, Израел самоиницијативно ги укина давачките за увоз на американски производи. И покрај тоа, САД воведоа нова давачка од 17% за увозот на израелски производи!

Значи, ако не е поштеден ни најголемиот пријател на САД тотално наивни биле очекувањата дека некој ќе биде туку така поштеден. Мораме да научиме еднаш засекогаш дека конечно треба да заврши сеирот од типот колку полошо за државата и македонската економија толку подобро ....(за кого?)

Второ, која е формулата за пресметка на процентот на давачките?

Според она што можеше да се види, се поаѓа од големината на дефицитот на САД во надворешно-трговската размена со секоја земја поединечно и тој износ се дели со вкупниот износ на извозот што таа земја го направила на американскиот пазар во годината за која се пресметува. Потоа, добиениот износ е преполовен со објаснување дека давачката што се воведува сепак не е во целост реципрочна (туку е само половина) како знак за добра волја.  

Трето, која е логиката која е следена при пресметката на големината на давачката за секоја земја?

Логиката е дека дефицитот на САД во трговската размена со други земји се должи на давачките со кои другите земји го оптоваруваат увозот на американски производи на нивните пазари, манипулираат со девизниот курс (вештачки го депресираат), и применуваат трговски бариери со што го отежнуваат американскиот извоз. Се проценува дека давачките ќе ги избалансираат работите во трговијата на САД со светот.

Четврто, зошто изгледа како да има несовпаѓање на податоците кои се основа за пресметка на процентот на новата давачка за секоја земја?

Ако ги погледнеме податоците на Државниот завод за статистика на земјава, македонската економија, а не САД, има дефицит во трговската размена помеѓу двете земји. Тоа би значело дека во отсуство на дефицит на страната на САД, тие не би требале да воведат давачка за Македонија повисока од 10%.

Но, тука доаѓаме до можната причина за несовпаѓањето на податоците.

Претпоставувам дека дел од извозот на земјава (како што е на пример извозот на автобуси) нашата статистика го води како извоз кон САД, а американската статистика како македонски извоз преку Белгија (со потекло на автобусите како производ произведен во земјава, делумно или целосно).

Клучен елемент е потеклото на производите. Кога тој извоз ќе се додаде на македонската статистика на страната на извозот, македонскиот извоз расте и во трговската размена се создава дефицит на страната на САД.  

Петто,  како понатаму во трговските односи со САД?

Најдобро е да се примени стабилно и долгорочно одржливо решение. Тоа значи склучување на спогодба за слободна трговија со САД. Како што веќе е индицирано од Владата, започнати се иницијални активности на таа тема, се спомнува вклучување во стратешкото партнерство.

По правило, процедурата околу склучување на ваков договор трае малку подолго, но може да се насети оптимизам кај претставниците на Владата во однос на успешноста на исходот.

Во меѓувреме, може да се испита целисходноста на постојните царински стапки и други давачки што земјава ги применува за увоз на американски производи на нашиот пазар.

Шесто, од каде доаѓа најголемата закана за македонската економија?

Инстинктивно, најголемата закана би требала да дојде индиректно, од последиците што новововедените американски давачки ќе ги продуцираат за германската економија.

Но, она што не смее да се заборави е и контра реакцијата на ЕУ.

И ЕУ ќе воведе давачки „за трети земји“ (вклучително за САД), а тоа би можело да ја погоди и македонската економија, со оглед на тоа што и ние сме “трета земја“ за ЕУ.

Тоа ќе го проблематизира и македонскиот извоз (за оние производи за кои ќе се воведат дополнителни давачки) на пазарите на ЕУ. Ова може да биде сериозен удар за поодделни сегменти на македонската економија.   

Седмо, најважните прашања во дадениот контекст се: Што всушност правиме со постојните царини и други давачки при увоз на странски производи на македонскиот пазар?

Што точно сакаме да заштитиме?

Колку долго време сакаме да трае заштитата?

Колку е конкурентна македонската економија без ваквата заштита?

Што презема македонската економија за да ја подобри својата конкурентност?

Што преземаат системски властите за да се поттикне подобрувањето на конкурентноста на македонската економија?

Ова се клучните прашања на кои мора да се даде одговор при конципирање на долгорочна надворешно-трговска политика за земјава.

Затоа е неопходна длабока и темелна преоценка на постојниот систем на царини и други давачки за заштита на домашното производство. Не за да се остави македонската економија на ветрометина и да се олесни увозот туку за да се воведат вистинските поттикнувачи во системот што ќе го осигураат посакуваното однесување на сите негови учесници.  

Извор: Економијаибизнис

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk