logo
logo
logo

„Стандард и Пурс“: ПОТВРДЕН ‘ББ -“, СИЛЕН СИГНАЛ ЗА ДОВЕРБА, РАСТ И ФИСКАЛНА СТАБИЛНОСТ

Vecer | 24.01.2026

„Стандард и Пурс“: ПОТВРДЕН ‘ББ -“, СИЛЕН СИГНАЛ ЗА ДОВЕРБА, РАСТ И ФИСКАЛНА СТАБИЛНОСТ

Македонија доби потврда за спроведувањето на економските политики од меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“, која го задржа кредитниот рејтинг на земјата на нивото ‘BB- со стабилни изгледи.

Потврдата на рејтингот претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено и континуирано да ги сервисира своите финансиски обврски, како и да обезбеди континуитет во водењето на економските политики, дури и во услови на зголемена глобална економска неизвесност.

Во извештајот, „Стандард и Пурс“ нотира дека економскиот раст забрзува, поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во рамки на големите инфраструктурни проекти, како и од растот на приходите на домаќинствата преку зголемување на платите и пензиите.

Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,5% во 2026 година, додека на среден рок растот ќе се стабилизира околу 3%, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.

Агенцијата ја нотира и определбата на Владата за забрзување на економскиот раст преку реализација на крупни инфраструктурни проекти, како и заложбите за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на деловното опкружување, поефикасна наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.

Во извештајот се наведува дека политиките се насочени кон поддршка на домашната побарувачка, преку раст на платите и пензиите, како и продолжување на фискалната консолидација.

Со усвоениот Буџет за 2026 година како што е наведено  во извештајот се предвидува умерено намалување на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 3,5% од БДП, при задржување на високо ниво на капитални инвестиции.

Приходите се очекува да растат побрзо од расходите, како резултат на подобрена наплата и солидна економска активност, додека расходната страна останува ориентирана кон капитални инвестиции во инфраструктурата, како и плати, пензии и социјални трансфери.

Агенцијата оценува дека фискалната консолидација е во тек, иако јавниот долг останува повисок во споредба со периодот пред пандемијата.

„Стандард и Пурс“ во извештајот наведува дека надолните ризици поврзани со надворешното опкружување, особено економските движења во Европската унија, се во голема мера избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливиот пристап на монетарната политика.

Агенцијата во извештајот исто така нотира дека понатамошниот напредок во спроведувањето на институционалните и структурните реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, може дополнително да ја зајакне економската и фискалната позиција на земјата и да придонесе за подобрување на кредитниот профил.

„Стабилноста на курсот на денарот е приоритет за Народната банка, којашто ја унапреди оперативната рамка за монетарната политика заради подобро управување со ликвидноста и зајакнување на преносот на монетарните сигнали“, се наведува во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, којашто го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на „ББ-“ со стабилен изглед.

Во извештајот се бележи дека, во последниот квартал од 2025 година, централната банка изврши приспособување на оперативната монетарна рамка ставајќи поголем акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика. Овие промени ја потврдуваат посветеноста на Народната банка на ефективното спроведување на монетарната политика и на одржувањето на финансиската стабилност.

Во 2026 година, според оцената на „Стандард и Пурс“, се очекува дека инфлациските притисоци ќе се намалуваат, поткрепени од умереното движење на цените на храната, претпазливата поставеност на монетарната политика и поволната споредбена основа. Агенцијата заклучува дека согласно состојбите, на краток рок, Народната банка ќе продолжи со примена на внимателна монетарна политика, заради задржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Во делот на банкарскиот сектор, Агенцијата ја оценува солвентноста како солидна, со адекватност на капиталот од 19,5% во третото тримесечје од 2025 година, додека квалитетот на активата и натаму е висок, со историски најниско ниво на нефункционалните кредити од 2,3% од вкупните кредити. Овие показатели, според Агенцијата, ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот систем.

Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати годишно од страна на „Стандард и Пурс„ како и од агенцијата  „Фич“. Тој претставува клучен индикатор за инвеститорите при носењето одлуки за инвестирање, а го покажува степенот на ризик од инвестирање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk