Кои се 10-те најплатените професии кои носат најголема заработувачка во Македонија? Порталот pari.com.mk објави анализа, која е направена врз база на бруто платите (согласно податоците на ДЗС) се со цел да се видат вкупните издатоци.

Во продолжение ви ја пренесува анализата на pari.com.mk во целост:

Повторно на пиадесталот најплатени професии се вработените во дејноста Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – нивната просечна бруто плата во мај била 109.734 денари или 1.784 евра.

Веднаш по нив се вработените со дејност Информации и комуникации кои во мај просечно земале 81.475 денари или 1.324 евра, а на трето место се вработените во Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати со просечна плата од 70.944 денари или 1.153 евра. На четврта позиција се вработените во Финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови со просечна бруто плата од 70.304 денари или 1.143 евра.

Во првата петорка, на петтото место се најдоа и вработените во Финансиски дејности и дејности на осигурување со просечна бруто плата 67.759 денари или 1.101 евро.

На шестото и седмото место се рангирани вработените во Останати стручни, научни и технички дејности со просек на плата од од 64.701 денари или 1.051 евра, додека пак кај вработените во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, тука просечната бруто исплатена плата изнесува 64.607 денари или 1.050 евра.

Вработените во Осигурување, реосигурување и пензиски фондови, освен задолжително социјално осигурување, просечно земале 62.625 или 1.018 евра и се позиционирале на осмото место пред вработените со дејност Телекомуникации со бруто плата од 61.810 денари или 1.005 евра.

Во топ 10 анализата влегуваат и вработените во Дејности за санација и останати услуги за управување со отпад со просечна бруто плата од 61.362 или 998 евра.