Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, со кој се обезбедени 11 милиони и 340 илјади денари, објави денеска Министерството за економија и труд.
Ќе се кофинансираат 40 отсто од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.
Поддршката се однесува на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно законските прописи.
Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.
-Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција.
Покрај оваа мерка, информира Дурмиши, во наредниот период ќе бидат објавени и два значајни јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата