logo
logo
logo

Седница на српскиот Парламент за избор на нова влада

Vecer | 15.04.2025

Седница на српскиот Парламент за избор на нова влада

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, за денеска со почеток во 10 часот ја свика седницата на Собранието за избор на нова Влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Кандидатот за премиер Ѓуро Мацут вчера до Собранието достави предлог за состав на Влада на Србија.

Деловникот на Собранието предвидува мандатарот да го образложи предлогот и да го презентира планот и програмата на новата Влада.

Кога претставникот ќе поднесе експозе и ќе го предложи составот на новата Влада пред пратениците, се отвора расправа.

По расправата, претседателот на Собранието закажува гласање за програмата на Владата и избор на претседател и членови на Владата.

За предлогот на мандатарот Собранието се одлучува со тајно гласање, освен ако не се одлучи јавно да се гласа и во тој случај се гласа по прозивка.

Владата се избира доколку за нејзин избор гласало мнозинството од вкупниот број пратеници, односно најмалку 126 пратеници.

По изборот на владата, претседателот и членовите на Владата полагаат заклетва пред пратениците, со што почнува мандатот на новата влада.

 Кандидатот за премиер на Србија, Ѓуро Мацут вчера до Собранието на Србија достави предлог за состав на Влада.

За прв вицепремиер и министер за финансии е предложен Синиша Мали, за вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а за вицепремиер и министер за економија Адријана Месаровиќ.

Братислав Гашиќ беше предложен за министер за одбрана, Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи, а Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции.

Српското Собрание на седница на 19 март ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, поднесена од него во крајот на јануари. Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, по напад врз студенти во блокада во Нови Сад. 

Доколку до 18 април на полноќ не се избере нова Влада, претседателот на Републиката е должен да го распушти Собранието и да распише избори, кои, според законот, би се одржале на почетокот на јуни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk