logo
logo
logo

Грчката влада ќе ја спасува економијата со 42,7 милијарди евра

Vecer | 14.09.2021

Грчката влада ќе ја спасува економијата со 42,7 милијарди евра

– Мерките кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти во саботата за време на неговиот говор на Меѓународниот саем во Солун, денеска детално ги објаснија министерот за финансии Христос Стајкурас и неговите заменици, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите, со низа даночни олеснувања, а за периодот 2020-2022 година достигнуваат до 42,7 милијарди евра.

– Вкупните трошоци за дополнителните развојни интервенции, од кои некои веќе беа вклучени во буџетот, изнесуваат 2,4 милијарди евра во 2022 година, од кои 2,1 милијарди евра се намалување на даноците и придонеси за осигурување. Така, трошоците за дополнителни мерки за стимулирање на расположливиот доход на граѓаните, особено на средната класа, се околу 3,5 милијарди евра за две години 2021-2022 година и вкупно 42,7 милијарди евра за периодот 2020-2022 година, истакна Стајкурас.

Меѓу мерките за оваа и следната година се и: 1.200 евра за шест месеци за вработување на лица од 18 до 29 години без работно искуство, за справување со невработеноста кај младите, а половина од износот ќе биде за работодавачот, половина за вработениот; зголемување за 20 отсто на надоместокот за греење; надомест за да се покрие зголемувањето на електричната енергија за секое домаќинство за изминатите четири месеци од годинава, итн.

Дополнително, планирано е продолжување за 2022 година на: намалениот данок на придонесите за осигурување, на данокот на добивка на бизнисите, на намаленото ДДВ за превозот, кафето и безалкохолните пијалаци, кината и туристичкиот пакет, во фитнес центрите и училиштата за танц.

Министерот за финансии на Грција додаде дека проценката за годинешниот раст сега изнесува 5,9 отсто што е „силно закрепнување, покривајќи над две третини од загубата во 2020 година“ и станува збор за сосема реално предвидување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk