logo
logo
logo

ДРОНОВИ НАД ПЛАЖИТЕ ВО ГРЦИЈА - Паднаа казни до 73 илјади евра за блокиран пристап до морето

Vecer | 07.08.2026

ДРОНОВИ НАД ПЛАЖИТЕ ВО ГРЦИЈА - Паднаа казни до 73 илјади евра за блокиран пристап до морето

Над 1.500 инспекциски контроли на повеќе од 300 плажи и во 450 бизниси се спроведени низ цела Грција со помош на дронови и современи технолошки алатки, во рамки на акцијата за заштита на крајбрежјето и обезбедување слободен пристап до плажите. Контролите откриле низа прекршувања, за кои се изречени високи казни, а најголемата достигнува 73 илјади евра.

Грчките власти велат дека годинава е забележано значително намалување на пријавите за незаконско заземање на плажи, поставување лежалки и чадори над дозволениот простор, попречување на пристапот на граѓаните и други прекршувања на правилата за користење на крајбрежјето.

Инспекциите ги спроведуваат службите за државен имот при Министерството за национална економија и финансии, а ги разгледуваат и пријавите од граѓаните, поднесени или телефонски или преку апликацијата MyCoast.

Најголем број пријави досега биле регистрирани на Халкидики, во Кавала, во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, на Кикладските острови и Додеканезите, каде што веќе се спроведуваат насочени проверки.

- Особено важно е што годинава е регистриран најнизок број пријави во споредба со претходните години. Овој тренд, во комбинација со сликата од теренските контроли, укажува на значително зголемено ниво на усогласеност на бизнисите со правилата за користење на крајбрежјето и плажите, соопштија од Министерството.

Додадоа дека онаму каде што се утврдуваат прекршоци, веднаш се изрекуваат предвидените санкции.

Меѓу оние кои се казнети се бизнис на островот Родос, што добил решение за затворање и казни во вкупен износ од 73.000 евра за попречување на пристапот до крајбрежјето и за незаконско користење државно земјиште; четири бизниси на Закинтос, каде што при теренски контроли биле утврдени попречувања на пристапот до крајбрежјето, при што секој од сопствениците добил казна од 2.000 евра, а друг бизнис на истиот остров, поради незаконско користење на плажата ќе плати казна од 72.490,60 евра.

На Халкидики казни добиле пет бизниси, во Кавала бизнис работел без договор за закуп и му била изречена парична казна од 15.912 евра.

- Контролите продолжуваат во текот на целата летна сезона. Целта е навремена интервенција при секое утврдено прекршување на законот, заштита на јавниот карактер на плажите, достапни за сите и обезбедување слободен пристап на граѓаните до крајбрежјето, соопштија од надлежното Министерство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk