Најмалку две лица загинаа, а 16 се повредени во автобуска несреќа во близина на бугарско-турската граница, пренесува БГНЕС.
Инцидентот се случил на патот помеѓу Бургас и граничниот премин „Мало Трново“, во момент кога автобусот кој превезувал вкупно 39 украински државјани останал без гориво и застанал.
Според информациите од теренот, несреќата добила фатален пресврт откако патниците се симнале од возилото и се собрале зад него. Автобусот ненадејно почнал да се движи наназад, удирајќи директно во групата луѓе, по што излетал од патот и се превртел. Меѓу повредените има и деца, на кои прва помош им била укажана на самото место пред да бидат итно хоспитализирани во Бургас и Мало Трново.
Локалните власти соопштија дека во автобусот патувале украински државјани, меѓу кои и бегалци кои престојувале во Бургас, а биле на пат кон Турција. За патниците кои поминале без повреди е обезбедено привремено сместување и медицинска грижа во дневен центар во пограничниот град, додека истрагата треба да ги утврди причините за откажувањето на системот за кочење на возилото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата