Се вели, филмската режија носи многу поголема одговорност отколку самата глума, а Клинт Иствуд се чини дека знае како да се справи и со својата втора професија. Меѓу попознатите негови режисерски дела се „Непростено“ од 1992., награден со четири „Оскари“, „Мостовите на Округот Медисон“, „Девојка од милион долари“, „Писма од Иво Џима“ и „Гран Торино“.
Создавањето позитивна работна атмосфера е еден аспект од режијата којшто честопати останува незабележан.
- Сакам да се забавувам. Ми се допаѓа она кога сите се во добро расположение, изјави Клинт Иствуд во интервју за порталот „ДГА“.
Тоа е еден дел од атмосферата што Иствуд сака да ја создаде за својата екипа, но продуцирањето филм само заради чиста забава веројатно нема да привлече многу внимание. Следствено, Клинт Иствуд сака и на сцената да биде „тивка“ и „без напнатост“, како всушност и многу од неговите филмови.
Тишината, вели, е неопходна за 94-годишниот филмаџија и за добро завршена работа, но од друга страна, една од работите што го иритираат - дури и повеќе од „луѓето кои врескаат еден кон друг“, е она кога „тие се обидуваат да cе замолчат“ еден со друг. Иствуд ја намалува „вревата“ на минимум, за глумците да можат да работат концентрирано и да го внесат потребниот интензитет во нивните изведби, што, според многумина, ги прави неговите филмови толку одлични.
Иако во 2021 година најавуваше дека „Плачи, Мачо“ (Cry Macho) е неговиот последен режисерски проект, според ИМДБ, следниот филм на Иствуд - „Поротникот бр. 2“ (Juror #2) е веќе комплетиран и се чека на датумот на премиерата. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата